Иако половина век се обидувам да помогнам во спречувањето на војни, има едно прашање што секогаш си го поставувам: Како да се справиме со екстремното насилство без да возвратиме со сила? Кога се соочувате со бруталност, дали е тоа дете што се соочува со силеџија на игралиштето или домашно насилство или денес, на улиците на Сирија, соочувањето со тенкови и шрапнели, што е најдобро да се направи? Да возратиме? Да се предадеме? Да примениме повеќе сила? Прашањето: Како да се справам со силеџија без притоа да се претворам во насилник? ме следи од дете. Се сеќавам дека имав околу 13 год. бев залепена за црно-белиот телевизор во дневната соба на моите родители кога советските тенкови влегоа во Будимпешта, а деца, не многу постари од мене се фрлаа пред тенковите за да бидат убиени. Се стрчав по скалите горе и почнав да си го пакувам куферот Мајка ми дојде и ми рече: „Што правиш“? И реков: „Одам за Будимпешта.“ Таа рече: „Зошто?“ И реков: „Таму убиваат деца. Нешто страшно се случува.“ А таа ми рече: „Не биди смешна.“ Јас заплакав. Таа разбра и ми рече, „Добро, гледам дека си сериозна. Премлада си за да помогнеш. Ти треба обука. Ќе ти помогнам. Само отпакувај го куферот.“ И така, поминав одредена обука и заминав да работам во Африка поголем дел од моите двесетти години. Но, сфатив дека она што навистина сакав да го знам не можев да го научам на курсеви за обука. Сакав да разберам како функционираат насилството, опресијата. Оттогаш открив дека: Силеџиите се служат со насилство на три начини. Користат политичко насилство за да заплашуваат, физичко насилство за да тероризираат и психичко или емоционално насилство за да ве понижат. И само многу ретко во многу малку случаи функционира примената на поголемо насилство за возврат. Нелсон Мандела отиде во затвор верувајќи во насилство, и 27 години подоцна тој и неговите колеги бавно и внимателно ги усовршуваа вештините, неверојатните вештини, кои им беа потребни за да ја претворат една од најбруталните влади познати на светот во демократија. Тоа го остварија со целосна посветеност на ненасилство. Тие сфатија дека возвраќањето на сила со сила не функционира. Но, што функционира? Со текот на времето собрав околу шест методи што функционираат --секако има многу повеќе-- коишто функционираат и коишто се ефикасни. Првиот е дека промената што треба да се случи треба да се случи тука, во мене. Тоа е мојата реакција, мојот став кон опресијата врз којшто имам контрола, и за којшто можам нешто да преземам. А за да го направам тоа треба да се спознаам самата себе. Тоа значи дека треба да знам како функционирам, кога ќе паднам, да знам каде ми се силните точки, и каде ми се оние послабите. Кога да се предадам? За што ќе се заложам? А медитацијата или самопроверката е еден од начините -- повторно не е единствениот начин -- е еден од начините за здобивање со ваков вид на внатрешна моќ. А мојата хероина тука -- како и на Сатиш -- е Аун Сан Су Чи во Бурма. Таа предводеше група студенти на протест по улиците на Рангун. Во еден ќош, тие се соочија со редица митралези. А таа веднаш сфати дека војниците со нивните прсти кои се тресеа на чкрапалата се поисплашени од студентите - демонстранти - зад неа. Но таа им кажа на студентите да седнат. И таа тргна напред со таква смиреност и јаснотија и целосно отсуство на страв што успеа да дојде до првата пушка, да ја стави раката врз неа и да ја спушти. И никој не загина. Тоа може да се случи кога ќе го совладате стравот -- не само кога се соочувате со митралези, туку и ако наидете на тепачка со ножеви на улица. Но мора да вежбаме. Што со нашиот страв? Јас имам мала мантра. Мојот страв расте од енергијата со која го хранам. И ако порасне многу голем веројатно ќе се оствари. Сите ние го знаеме синдромот на три часот наутро кога нешто што ве загрижува ќе ве разбуди -- гледам многу луѓе -- и еден час се вртите и превртувате станува сѐ полошо и полошо, и до четири часот веќе сте врзани за перницата од едно толку големо чудовиште. Единственото нешто е да станете, да си сварите чај и да седнете со стравот како дете покрај вас. Вие сте возрасниот. Стравот е детето. Разговарате со стравот и го прашувате што сака, што му треба. Како може ова да се подобри? Како може детето да се чувствува посилно? Правите план. И велите: „Добро, сега ќе се вратиме во кревет. Во седум и триесет, ќе станеме и тоа ќе го направиме.“ Имав една од тие епизоди во 3 часот наутро во Неделата -- парализирана од страв, поради овој говор. (смеа) Го направив тоа. Станав, си сварив чај, седнав со него, сѐ завршив и еве сум -- сѐ уште делумно парализирана, но тука сум. (аплауз) Тоа е стравот. Што е со гневот? Секаде каде што има неправда, има гнев. Но, гневот е како бензин, ако со него испрскате наоколу и некој употреби запалка, тогаш добивате пекол. Но, гневот како двигател -- во мотор -- е моќен. Ако можеме нашиот гнев да го ставиме во мотор, може да нѐ движи напред, може да ни помогне во тешките моменти и може да ни даде вистинска внатрешна моќ. Го научив ова преку мојата работа со креаторите на политиките за нуклеарно оружје. Затоа што на почетокот бев толку бесна поради опасностите на кои нè изложуваа што сакав само да се расправам со нив, да ги обвинувам и да ги окривувам. Крајно неефективно. Со цел да изградиме дијалог за промена, треба да се справиме со нашиот гнев. Во ред е да бидете гневни на нештото -- нуклеарното оружје во овој случај -- но безнадежно е да бидете гневни на луѓето. Тие се човечки суштества исто како и ние. Го прават она што мислат дека е најдобро. Тоа е основата врз која треба да разговараме со нив. Значи, тоа е третото, гневот. А тоа ме води до сржта на она што се случува, она што гледам дека се случува, во светот денеска, а тоа е дека изминатиов век моќта доаѓаше од горе- надолу. Владите сѐ уште им кажуваа на луѓето што да прават. Во овој век настапи промена. Таа е од долу-нагоре или моќ на народот. Како печурки кои пробиваат низ бетон. Тоа се луѓе кои се здружуваат со луѓе, како што рече Банди, оддалечени со километри за да донесат промена. „Пис Дајрект“ многу рано сфатија дека локалното население во области на жесток конфликт знаат што треба да прават. Тие најдобро знаат што да прават. Затоа, „Пис Дајрект“ застанува зад нив, за да го прават тоа. Некои од нештата што тие ги прават, се демобилизирање на милицијата, обнова на економиите, повторно населување на бегалци, дури и ослободување на деца-војници. И речиси секој ден треба да го ризикуваат својот живот за да сторат тоа. Тие сфатиле дека примената на насилство во такви ситуации не само што е помалку хумано, туку е помалку ефективно отколку користењето на методи кои ги поврзуваат луѓето со луѓе, кои обновуваат. Мислам дека армијата на САД конечно почна да го разбира тоа. Досега, нивната политика против тероризмот беше убивање на бунтовниците по секоја цена, а ако по пат загинат цивили, тоа се припишува како „колатерална штета“. Тоа е толку навредливо и понижувачко за населението на Авганистан, и заради тоа регрутирањето од Алкаеда е многу лесно, кога луѓето толку многу ќе се згрозат, на пример, од палењето на Куранот. Затоа, обуката на војската треба да се промени. Јас верувам дека има знаци на промена. Британската армија отсекогаш била многу подобра во ова. Но, има еден извонреден пример на кој тие може да се угледаат, а тоа е брилијантниот потполковник на САД, кој се вика Крис Хјуз. Тој ги водел своите луѓе низ улиците на Наџаф поточно во Ирак -- и одеднаш луѓето почнале да излегуваат од куќите на двете страни од улицата, вриштејќи, викајќи, крајно бесни, и ги опколиле младите војници кои биле целосно престрашени, не знаеле што се случува, не зборувале арапски. А Крис Хјуз зачекорил среде толпата со неговото оружје над главата, посочувајќи кон земјата, и рекол, „Клекнете“. И тие огромни војници со нивните ранци и нивното телесно оружје, се стресле на земјата. Завладеала целосна тишина. И по околу две минути, сите се повлекле и си заминале дома. За мене, тоа е мудро дејствување. Во тој момент, тоа го направил. И тоа сега се случува насекаде. Не ми верувате? Дали сте се запрашале зошто и како толку многу диктаторства се срушија во изминатите 30 години? Диктаторства во Чехословачка, Источна Германија, Естонија, Латвија, Литванија, Мали, Мадагаскар, Полска и Филипините, Србија, Словенија, има уште, а сега Тунис и Египет. Сето тоа не се случи само од себе. Голем дел од тоа се должи на книга напишана од еден 80-годишен човек во Бостон, Џин Шарп. Тој напиша книга со наслов „Од диктаторство до демократија“ со 81 методологии за ненасилен отпор. Таа е преведена на 26 јазици. Го прелета светот. Ја користат млади луѓе и постари луѓе насекаде, затоа што функционира и е делотворна. Тоа е она што ми дава надеж -- и не само надеж, тоа прави да се чувствувам многу позитивно сега. Затоа што конечно, луѓето почнаа да разбираат. Доаѓаме до практични, остварливи методологии за да одговориме на моето прашање: Како да се справиме со силеџија, без да станеме насилници? Се служиме со вештините кои ги нагласив: внатрешната моќ -- развојот на внатрешна моќ -- преку себе-спознавање прифаќање и работење со нашиот страв, користење на гневот како гориво, соработување со други, групирање со други, храброст, а најважно од сѐ, посветеноста на активно ненасилство. Денес, не само што верувам во ненасилство. Не мора да верувам во него. Насекаде гледам докази за неговото функционирање. и гледам дека ние, обичните луѓе, можеме да направиме нешто што го направиле Аун Сан Су Чи и Ганди и Мендела. Можеме да го окончаме најкрвавиот век што го памети човештвото. И можеме да се организираме за да ја надминеме опресијата со отворање на нашите срца како и зајакнување на тоа неверојатно откритие. И токму таа отвореност на срцата ја почувствував кај сите организатори на овој собир, откако пристигнав вчера. Ви благодарам. (аплауз)