Кога имав седум години, а сестра ми имаше само пет си игравме на креветот на кат. Тогаш бев две години постар од сестра ми -- мислам, и денес сум две години постар од неа -- но тогаш ова значеше дека таа мора да прави сè што јас сакав да правиме, а јас сакав да си играме војна. Значи бевме на горниот кат од креветите, на едната страна од креветот бев јас и ги имав наредно сите мои војници и оружја, а на другата страна беа розевите понија на сестра ми, спремни за битка. Има различни тврдења за тоа што се случи тоа попладне, но бидејќи сестра ми не е овде денес, јас ќе ви ја раскажам вистинската приказна -- (смеа) -- а таа е дека сестра ми е малку несмасна. Некако, без никаква помош од нејзиниот постар брат, Ејми исчезна од горниот кат на креветите и со трескот слета на подот. Јас нервозно ѕирнав преку работ на креветот да видам што ја снашло сестра ми и видов дека слетала на раце и нозе, со сите четири на подот. Бев нервозен бидејќи моите родители ме задолжија да се погрижам јас и сестра ми да играме колку што е можно побезбедно и потивко. И бидејќи случајно ӣ ја скршив раката на Ејми една недела претходно ... (смеа) ... откако херојски ја спасив од еден имагинарен снајперски куршум (смеа) за што сеуште никој не ми заблагодарил, се трудев да бидам -- а таа воопшто и да не забележи -- се трудев да бидам најпримерен што можам. Кога ӣ го видов лицето на сестра ми, со израз на болка, патење и изненадување, кој се закануваше дека ќе еруптира од незјината уста и ќе ги разбуди моите родители од долгата зимска дремка во која западнале, го направив единственото нешто што мојот испаничен седумгодишен мозок можеше да го смисли за да ја спречи трагедијата. Ако имате деца, тогаш ова сте го виделе стотици пати до сега. Ӣ реков: "Ејми, Ејми, чекај! Немој да плачеш. Не плачи! Виде како слета на подот? Ни едно човечко суштество не може да слета така, на сите четири. Ејми, мислам дека ова значи дека си еднорог." (смеа) Се извлеков со измама, бидејќи немаше ништо на светот што сестра ми го сакаше повеќе од тоа да не биде Ејми помалата повредена петгодишна сестра, туку Ејми - волшебниот еднорог. Се разбира, оваа можност никогаш порано не ӣ паднала на ум. И можеше да се види како мојата кутра, изманипулирана сестра се соочува со конфликт кога нејзиниот малечок мозок се најде поделен меѓу чувствата на болка, патење и изненадување, кои штотуку ги почувствува, и разгледувањето на својот нов идентитет како еднорог. И второво победи. Наместо да заплаче и да ја прекине нашата игра, наместо да ги разбуди моите родители, со сите негативни последици кои ќе следеа за мене, на нејзиното лице се појави насмевка и брзо се врати на креветот со целата грациозност на едно бебе - еднорог ... (смеа) ... со една скршена нога. Она на што наидовме на оваа рана возраст од пет и седум години -- а не бевме ни свесни во тој момент -- е нешто што како авангардна научна револуција ќе се појави две децении подоцна и ќе го промени начинот на кој го гледаме човечкиот мозок. Она на што наидовме тогаш се вика позитивна психологија и е причината поради која сум јас денес тука и причината поради која се будам секое утро. Кога прв пат започнав да зборувам за ова истражување надвор од академските кругови, во компании и училишта, првата работа што ми ја кажаа е никогаш да не го започнувам говорот со графикон. А тоа е баш првата работа што сакам да ја направам. Овој графикон изгледа досадно, но тој е причината поради која сум возбуден и се будам секое утро. А графиконов и нема некое значење; ова се измислени податоци. Она што го откривме е -- (смеа) ако ги добиев овие податоци истражувајќи ве вас тука, во оваа просторија, ќе бев пресреќен, бидејќи очигледно е дека се забележува некој тренд, што значи дека мојот труд ќе биде објавен, а тоа е најважно. Фактот што има една чудна црвена точка овде горе, над кривата, значи дека има некој чудак во оваа просторија -- знам кој си, те видов пред да почнеме -- но тоа не е голем проблем. Ова не е голем проблем, како што повеќето од вас знаат, бидејќи многу лесно можам да ја ибришам оваа точка. Можам да ја избришам зошто очигледно станува збор за грешка при мерење. А знаеме дека е грешка при мерење бидејќи ми го расипува трендот. Значи, една од првите работи кои ги учиме луѓето на курсевите по економија, статистика, бизнис или психологија е како, на статистички исправен начин, да ги елиминираат чудаците. Како да ги елиминираме отпадниците за да дојдеме до кривата на добро прилагодените? Ова е фантастично ако се обидувам да откријам колку табелети Адвил (вид лек против болки) треба да зема еден просечен човек -- две. Но ако сум заинтересиран за потенцијал, за вашиот потенцијал за среќа или продуктивност или енергија или креативност, она што го правиме е креираме култ на просечност со научни методи. Ако го поставам прашањето "Колку брзо може да научи да чита едно дете во дадена училница?" научниците го одговараат прашањето "Колку брзо научува да чита просечното дете во таа училница?" и потоа го кроиме целиот клас во однос на тој просек. Ако некој падне под просекот на таа крива, психолозите се пресреќни, бидејќи тоа автоматски значи дека тој е во депресија или има некакво пореметување, а се надеваме и двете. Се надеваме на обете бидејќи нашиот бизнис модел е следен -- ако дојдете на терапија со еден проблем, се трудиме да си заминете со сознанието дека имате 10, за да продолжите постојано да се враќате. Ќе чепкаме и по вашето детство ако е неопходно, но она што сакаме да го постигнеме е повторно да се чувствувате нормално. А нормално значи само просечно. И она што јас го застапувам и она што позитивната психологија го застапува е ако го проучуваме она што е само просечно, остануваме само просечни. Така наместо да ги избришам овие позитивни отпадници, јас намерно доаѓам во средина како оваа и ве прашувам, зошто? Зошто некои од вас се поставени толку повисоко од кривата во однос на вашата интелектуална способност, атлетска или музичка способност, креативност, енергичност, отпорот кој го пружате кога сте соочени со предизвик, вашата смисла за хумор? Каква и да е причината, наместо да ве избришам, јас сакам да ве проучувам, бидејќи можеме да собереме информации -- не само како да ги донесеме луѓето до просекот, туку како да го поместиме целиот просек нагоре во нашите компании и училишта од целиот свет. Причината поради која овој графикон ми е толку важен е бидејќи кога ќе вклучам вести, ми изгледа дека најголемиот дел од информациите не се позитивни, туку баш напротив -- негативни. Повеќето вести се за убиства, корупција, болести, природни катастрофи. И многу брзо, мојот мозок започнува да мисли дека тоа е точниот сооднос на негативни и позитивни случувања во светот. Ова креира нешто што се нарекува синдром на медицинско училиште -- ако познавате луѓе кои студирале медицина знаете дека во првата година од студирањето, како што ги читаат списоците на симптоми и болести кои можат да се појават, тие сфаќаат дека ги имаат сите од нив. Имам еден зет кој се вика Бобо -- но тоа е сосема друга приказна. Бобо е оженет со Ејми -- еднорогот. Ми се јавува Бобо на телефон од медицинскиот факултет на Јеил и ми вика "Шон, имам лепра.", (смеа) што дури и на Јеил се среќава екстремно ретко. Но јас немав поим како да го утешам Бобо, бидејќи само што закрепна од менопауза која траеше цела недела. (смеа) Значи она што го осознаваме е дека нас не нè оформува реалноста, туку призмата низ која нашиот мозок го гледа светот ја оформува реалноста. И доколку можеме да ја промениме призмата, не само што ќе ја промениме среќата, туку истовремено ќе го промениме и секој образовен и економски исход. Кога се пријавував на Харвард, го сторив тоа поради предизвик. Не очекував дека ќе ме примат, а моето семејство немаше пари за факултет. Кога две седмици подоцна добив воена стипендија, тие ми дозволија да одам. Одеднаш, нешто што воопшто не беше можно стана реалност. Кога стигнав таму, претпоставував дека и другите ќе го сметаат своето присуство таму за привилегија, дека ќе бидат возбудени што се таму. Дури и ако се наоѓате во училница полна со луѓе кои се попаметни од вас вие се чувствувате среќни што сте во таа училница. Но она што го увидов таму е дека и покрај тоа што постојат луѓе кои се чувствуваат така -- иако по четири години дипломирав, ги поминав и наредните осум години во студентските домови заедно со студентите -- од Харвард ми понудија работа; не сум јас таков -- (смеа) работев како советник на студентите во тие тешки четири години и она што го открив во моето истражување и предавање е дека овие студенти, колку и да биле среќни со нивниот почетен успех кога се запишале на факултетот, две седмици подоцна нивниот мозок не се фокусира на привилигијата да се биде таму, ниту на предметите филозофија или физика. Нивниот мозок се фокусира на конкуренцијата, на работните обврски, на кавгите, стресот и поплаките. Кога прв пат стигнав таму, влегов во мензата за бруцоши, за која моите пријатели од Вако, Тексас -- местото каде што пораснав, за кое знам дека некои од вас имаат слушнато -- кога ќе дојдеа да ме посетат, разгледуваа наоколу и коментираа: “Оваа менза изгледа како да е излезена од Хогварт од филмот ‘Хари Потер‘“, и беа во право. Еве го Хогварт од филмот “Хари Потер“, а еве го Харвард. И кога ќе го видеа ова велеа: “Шон, зошто си го губиш времето да ја проучуваш среќата на Харвард? Сериозно, која би била причината еден студент од Харвард да биде несреќен?“ Во ова прашање е вграден клучот за разбирање на науката која ја проучува среќата. Она што ова прашање го претпоставува е дека надворешниот свет е предуслов за нивото на нашата среќа, а всушност, ако знам сè за вашиот надворешен свет, можам да предвидам само 10 проценти од вашата долгорочна среќа. Останатите 90 проценти од вашата долгорочна среќа не се одредени од надворешниот свет, туку од начинот на кој вашиот мозок го процесира светот. И ако го промениме тоа, ако ја промениме нашата формула за среќа и успех, можеме да го промениме начинот на кој делуваме на реалноста. Ние откривме дека само 25 проценти од успесите на работното место можат да се предвидат од коефициентот на интелигенција. 75 проценти од успесите на работното место зависат од нивото на оптимизам, поддршката од средината и можноста да се препознае стресот како предизвик наместо закана. Во еден разговор со претставници од еден интернат во Њу Ингланд, веројатно најпрестижниот интернат, тие ми кажаа, “Ние веќе го знаеме тоа. Затоа секоја година, наместо предавања имаме недела посветена на добросостојбата. И многу сме возбудени. Во понеделник навечер најдобриот светски експерт за депресија кај адолесценти ќе дојде да зборува. Во вторник навечер зборуваме за насилството во училиштата. Средата е за пореметувања во исхраната. Во четврток вечер зборуваме за употребата на дроги. За во петок сеуште одлучуваме меѓу ризичен секс и среќа.“ (смеа) Јас им одговорив, “Тоа звучи како петочна вечер за повеќето луѓе.“ (смеа) (аплауз) Драго ми е што ви се допаѓа мојот одговор, но ним не им се допадна. Од другата страна на слушалката имаше штама. И за да ја прекинам тишината реков, “Ќе ми претставува задоволство да зборувам во вашето училиште, но морам да ви кажам дека вашата недела е недела на болести, а не на добросостојба. Вие сте ги потенцирале сите негативни настани кои можат да се случат, но воопшто не сте ги споменале позитивните.“ Отсуството на болест не значи здравје. Еве како доаѓаме до здравје -- треба да ја превртиме формулата за среќа и успех. Во последните три години патував во повеќе од 45 различни земји, работев со училишта и компании во центарот на економската криза. И видов дека повеќето компании и училишта ја следат следнава формула за успех: “Ако работам повредно, ќе бидам поуспешен. Ако сум поуспешен, ќе бидам посреќен.“ Ова е основата на нашиот пристап кон воспитувањето на децата, менаџирањето и мотивирањето воопшто. А проблемот е што тоа е научно неоправдано и контрадикторно од две причини. Прво, секој пат кога нашиот мозок доживува успех се менува нашата замисла за тоа како изгледа успехот. Ако имаш добри оцени, следно е да имаш подобри оцени, ако се запишеш во добро училиште, потоа се запишуваш во подобро училиште, ако имаш добра работа, треба да најдеш уште подобра, ако ја исполниш продажната цел, ние ќе ти ја зголемиме целта. И кога среќата е на спротивната страна од успехот, нашиот мозок никогаш не стигнува таму. Ние, како општество, го поместуваме замислениот хоризонт на среќата, поради тоа што мислиме дека треба да бидеме успешни за потоа да станеме среќни. Но вистинскиот проблем е што нашите мозоци работат обратно. Ако подигнеме нечие ниво на среќа во сегашноста, тогаш нивниот мозок доживува нешто што се нарекува предност на среќа, што значи дека мозокот во позитивно расположение работи значително подобро отколку во просечно, неутрално или стресно расположение. Растат интелигенцијата, креативноста и нивото на енергија. Всушност, откривме дека вака се унапредува буквално секој бизнис исход. Вашиот мозок е 31 процент попродуктивен во позитивна состојба, отколку во негативна, неутрална или стресна состојба. Вашите продажни вештини се за 37 проценти подобри. Докторите се 19 проценти побрзи и попрецизни во поставување на точни дијагнози кога се позитивни, наместо негативни, неутрални или под стрес. Ова значи дека можеме да ја превртиме формулата. Ако најдеме начин да се биде позитивен во сегашноста, тогаш нашите мозоци ќе работат поуспешно и ќе можеме да работиме повредно, побрзо и поинтелигентно. Мораме да ја превртиме формулата за да започнеме да гледаме за што се способни нашите мозоци. Допаминот кој циркулира во нашиот систем кога сме позитивно расположени има две функции. Не само што нè прави посреќни, туку ги вклучува центрите за учење во мозокот со што ни овозможува да се адаптираме на светот на различен начин. Откривме дека постојат начини со кои можеме да го тренираме мозокот да стане попозитивен. За краток период од 2 минути дневно кој се повторува 21 ден по ред можеме да ги промениме врските во мозокот, со што ќе му овозможиме на мозокот да работи со повеќе оптимизам и повеќе успех. Во рамки на истражувањето ги пробавме овие методи во секоја компанија со која соработувавме, и побаравме од вработените да запишуваат по три нови нешта за кои се благодарни секој ден, 21 ден по ред -- три нови нешта секој ден. На крајот од вежбата, нивниот мозок ја памети шемата со која го скенира светот во потрага по позитивните, а не негативните случувања. Запишување на едно позитивно искуство кое се случило во текот на изминатите 24 часа му овозможува на вашиот мозок повторно да го преживее тоа искуство. Оваа вежба го учи вашиот мозок дека однесувањето е важно. Знаеме дека медитацијата му помага на мозокот да ги надмине проблемите со концентрација и посветеност кои сами ги креираме обидувајќи се да се справиме со повеќе задачи истовремено и му овозможува да се фокусира само на моменталната задача. И на крај, случајните добри дела се свесни добри дела. Ги натеравме луѓето секој пат кога ќе го отворат нивното електронско поштенско сандаче да испратат една позитивна порака во која ќе пофалат или ќе му се заблагодарат некому за поддршката што им ја пружа. Со овие активности го тренираме мозокот исто како што ги тренираме нашите тела, и доаѓаме до сознание дека можеме да ја превртиме формулата за среќа и успех и со тоа да креираме бранови на позитивност, а истовремено и вистинска револуција. Ви благодарам многу. (аплауз)