Јас сакам да учам странски јазици. Всушност, сакам толку многу што учам нов јазик секоја втора година, и моментално работам на мојот осми јазик. Кога луѓето ќе го дознаат ова, секогаш ме прашуваат, "Како го правиш тоа? Која е твојата тајна?“ И да бидам искрена, долго време мојот одговор беше, "Не знам. Јас едноставно сакам да учам јазици.“ Но луѓето не беа задоволни со тој одговор. Тие сакаа да знаат зошто им се потребни години за да научат само еден јазик, никогаш не достигнувајќи високо ниво, додека еве ме мене, учам еден по друг. Тие сакаа да ја дознаат тајната на полиглотите, луѓе кои зборуваат многу јазици. И тоа ме натера да се запрашам, како всушност други полиглоти учат јазици? Што е тоа што ни е заедничко? И што е тоа што ни овозможува да учиме јазици многу побрзо од други луѓе? Се решив да запознаам други луѓе како мене и да дознаам. Најдоброто место да запознаете многу полиглоти, е настан каде стотици љубители на јазици се среќаваат на едно место да ги вежбаат своите јазични способности. Постојат неколку такви полиглотски настани во светот, па се решив да посетам еден и да ги прашам полиглотите за методите кои ги користат. Па така го запознав Бени од Ирска, кој ми кажа дека неговиот метод е да започне да зборува од првиот ден. Тој учи неколку фрази од разговорник и потоа запознава изворни говорници. и започнува разговор со нив. Него не му пречи што прави дури и по 200 грешки дневно, бидејќи така учи, врз основа на фидбек. И најдобро од сѐ е што не мора да патува многу, бидејќи лесно може да разговара со луѓе од друго говорно подрачје, од својата дневна соба, користејќи веб страни. Исто така го запознав и Лука од Бразил кој имаше навистина интересен метод за учење Руски. Едноставно, тој додал стотици Руси на својот Скајп, започнал разговор со еден од нив, и напишал "Здраво“ на руски. И личноста му одговорила "Здраво, како си?“ Лукас го ископирал ова и го испратил на друга личност, и личноста одговорила, "Јас сум добро, како си ти?“ Лукас го ископирал ова и го пратил назад на првата личност, и на овој начин поврзал двајца непознати да разговараат еден со друг без да знаат за тоа. (Смеа) И набрзо започнал да пишува и самиот, бидејќи имал толку многу вакви разговори и сфатил како се започнува разговор на руски. Каков генијален метод, нели? Потоа запознав полиглоти кои започнуваат со имитирање на звуците од јазикот и други кои прво ги учат најчестите 500 зборови од јазикот, и трети кои секогаш започнуваат со изучување на граматиката. Ако запрашав сто различни полиглоти, ќе добиев сто различни начини на учење странски јазици. Изгледа дека сите имаат уникатен начин да научат нов јазик, а сепак сите го постигнуваме истиот резултат, зборуваме течно неколку јазици. И како што овие полиглоти ми кажуваа за нивните методи, одеднаш сфатив нешто: она што ни е заедничко на сите е тоа што едноставно најдовме начин како да уживаме во процесот на учење јазик. Сите овие полиглоти зборуваа за изучувањето на јазик како нешто многу забавно. Требаше да им ги видите лицата кога ми ги покажуваа нивните граматички табели во повеќе бои, и нивните внимателно изработени мемориски карти, и нивните статистики за учење вокабулар со помош на апликации, па дури и колку многу сакаат да готват користејќи рецепти на странски јазик. Секој од нив имаше различен метод, но исто така секој од нив имаше метод во кој навистина ужива. Сфатив дека всушност ова е начинот на кој и јас учам јазици. Кога учев шпански,ми здосадија текстовите во книгата. Кој сака да чита за тоа како Хозе прашува за правецот до железничката станица. Нели? Наместо тоа, сакав да ја читам "Хари Потер", таа ми е омилената книга од детството, и ја имам прочитано многу пати. Па ја земав шпанската верзија на "Хари Потер" и започнав со читање, и секако дека на почетокот не разбирав речиси ништо, но продолжив со читање бидејќи ја обожувам книгата, и до крајот на книгата, можев да разбирам без речиси никаков проблем. Истото се случи кога учев германски. Решив да ја гледам "Пријатели", мојата омилена серија, на германски, и повторно, на почетокот, се беше само бесмислен звук. Не знаев каде еден збор завршува и друг започнува, но продолжив да гледам секој ден, бидејќи беше "Пријатели". Можам да ја гледам серијата на секој јазик. Толку ја сакам! И после втората и третата сезона, дијалозите започнаа да имаат смисла. Ова го сфатив само после средбата со другите полиглоти. Ние не сме гении, и немаме скратен пат за учење на јазици. Едноставно, сме нашле начини како да уживаме во процесот, како да го претвориме учењето на јазик од здодевен предмет на училиште во пријатна активност која можеме да ја правиме секој ден. Ако не сакате да пишувате зборови на хартија, можете да ги пишувате во апликација. Ако не сакате да слушате досаден материјал од учебник, најдете интересна содржина на YouTube или подкаст на било кој јазик. Ако сте повлечени и не можете да разговарате со луѓе на кои јазикот им е мајчин, можете да разговарате со самите себе. Можете да си разговарате со себе во удобна соба, опишувајќи ги вашите викенд планови, каков ви беше денот, или одберете било која слика од телефонот и опишете ја сликата на вашиот замислен пријател. Ова е начинот на кој полиглотите учат јазици, и добрите вести се, ова е достапно за сите оние кои сакаат да го земат учењето во свои раце. Запознавајќи полиглоти, сфатив дека е навистина важно да се најде аспект на уживање во процесот на изучување на јазици, но дека ова самото по себе не е доволно. Ако сакате течно да зборувате, мора да користите уште три други принципи. Прво, потребни ви се ефикасни методи. Ако се обидете да запомнете листа со зборови за утрешниот тест, зборовите се зачуваат во краткотрајна меморија и ќе ги заборавите за неколку денови. Но ако сакате да ги запомнете зборовите за подолго време, треба да ги повторувате во текот на неколку дена, континуирано користејќи т.н. повторување во место. За ова може да користите различни апликациикако Anki или Memrise, или пишувајте листа со зборови во тетратка, со методот Златна листа, кој е многу популарен кај многу полиглоти. Ако не сте сигурни кои методи се ефикасни и достапни, проверете некои од YouTube каналите и веб-страници на полиглоти и најдете инспирација. Ако е корисно за нив, најверојатно ќе биде корисно и за вас. Третиот принцип кој треба да го следите е да креирате систем во вашето учење. Сите ние сме многу зафатени и никој нема врема да учи јазик во денешно време. Но можеме да го создадеме тоа време ако планираме навреме. Дали можете да се разбудите 15 минути порано од вообичаеното? Тоа би било идеално време да го вежбате вокабуларот. Дали можете да слушате подкаст додека возите кон вашето работно место? Тоа би било одлично за да ги вежбате вашите способности за слушање. Има многу работи што може да ги правиме без да го планираме времето за нив како што е слушање на подкаст на патот кон работа или додека вршиме домашни работа. Битната работа е да направите план за учење. "Јас ќе вежбам зборување секој вторник и четврток со пријател, по 20 минути. Ќе слушам видео на YouTube додека појадувам." Ако направите систем за вашето учење, нема да ви треба дополнително време, бидејќи ќе ви стане дел од секојдневниот живот. И конечно, ако сакате навистина да научите странски јазик, ви треба малку трпеливост. Не е можно да се научи јазик за два месеци, но дефинитивно можно е да се има напредок за два месеци, ако учите во мали количини секој ден, на начин во кој уживате. И нема ништо што нѐ мотивира повеќе од сопствениот успех. Сѐ уште го помнам моментот кога ја разбрав првата шега на германски кога ја гледав серијата "Пријатели." Бев толку среќна и мотивирана што продолжив да гледам тој ден, уште две епизоди, и како што продолжив да гледам, имав повеќе и повеќе од овие моменти на разбирање, овие мали победи, и чекор по чекор, стасав до ниво на кое можев да го користам јазикот слободно и течно да изразам било што. Тоа е прекрасно чувство, и не ми е доста од тоа чуство, затоа продолжувам да учам нов јазик секоја втора година. Па ова е тајната на полиглотите. Најдете ефективни методи кои ќе ги употребувате систематично во одреден временски период на начин на кој уживате, и ова е како полиглотите учат јазици за неколку месеци, не години. Сега, некои од вас можеби мислат, "Сето тоа е супер, да уживаш да учиш јазик, но нели е вистинската тајна на полиглотите тоа што се супер талентирани, а повеќето од нас не се?" Па, има една работа што не ви ја кажав за Бени и Лукас. Бени учел ирски и германски 11 години на училиште. И воопшто не можел да ги зборува кога завршил со образованието. До 21-та година, мислел дека го нема јазичниот ген и не можел да зборува ниеден странски јазик. Тогаш започнал да го бара својот начин за изучување на јазик, кој беше разговор со луѓе на кои тоа им е мајчин јазик и добивање на фидбек, и денес Бени може слободно да разговара на 10 различни јазици. Лукас се обидувал да научи англиски 10 години на училиште. И бил еден од најслабите ученици во класот. Другарите се шегувале со него и му дале учебник по руски како шега бидејќи мислеле дека никогаш нема да научи ниеден странски јазик. И тогаш Лукас започнал да експериментира со методи барајќи го својот начин на учење, на пример, преку Skype разговор со странци. И 10 години подоцна, Лукас може да зборува течно 11 јазици. Дали тоа звучи како чудо? Па, јас гледам такви чуда секој ден. Како ментор за јазици, јас помагам на луѓе да учат јазик сами, и го гледам ова секој ден. Луѓе кои се измачувале со изучување на јазик 5, 10 или 20 години, и одеднаш го земаат учењето во свои раце, почнуваат да користат материјал кој им е интересен и ефикасни методи, започнуваат да го следат учењето за да можат да се радуваат на напредокот и тогаш одеднаш магично го наоѓаат талентот за јазици кој го барале целиот свој живот. Па ако сте се обиделе да учите странски јазик и сте се откажале, мислејќи дека е премногу тешко или дека го немате талентот за јазици, обидете се повторно. Можеби имате некој друг интересен метод за течно познавање на јазикот. Можеби имате некој друг метод за да станете полиглот. Ви благодарам. (Аплауз)