Луѓето, измеѓу двете уши, имаат биолошки еквивалент на тркачки автомобил. И супер е што ја имаме оваа направа. Останатите живи суштества можат само да ни завидуваат на нашата способност за расудување, решавање на проблеми, планирање, евалуирање, апстрахирање и креирање. Но никој не би се качил во брза тркачка кола и не би нагазнал на гаста ако претходно не ви кажат каде се кочниците и како треба да ги користите. Нашиот ум, понекогаш, не` води во погрешна насока. А кога го прави тоа, мораме да знаеме како да го успориме и како да ги употребиме кочниците. Но, не знаеме каде се кочниците. Инстинктивно наместо на кочниците, ние стискаме на гаста и возиме неконтролирано и брзо. Но, се чини дека кочниците се наоѓаат на сосема друго место. Овој говор го држам на TEDx, кој е спонзориран од Академијата Дејвидсон, која е богатство на САД, училиште за надарени и талентирани, каде се образуваат млади луѓе кои имаат IQ на ниво на или над 99.9 перцентили. Сега сум пред луѓе кои, знам дека во наредните неколку години, ќе предизвикаат значајни промени во светот. Но, јас сум клинички психолог. И знам дека пред мене имам луѓе кои ќе страдаат. Знам дека пред мене имам луѓе кои ќе имаат мисли што ќе звучат отприлика вака, "Никој нема да ме сака," или "Не вреди да се живее," "Нешто не е во ред со мене," "Длабоко во себе јас сум лош," "Јас сум расипан," "Треба да се срамам од себе." Или, "Морам да најдам начин да не ме одбијат оти тоа е многу болно," "Морам да заборавам на траумата што ми се случи." Кога ќе ви се јават вакви мисли, без оглед на тоа колку сте паметни, ќе морате да научите да ги користите менталните кочници. Сакам да ви споделам изненадувачко научно откритие за тоа каде се наоѓаат кочниците. Изминативе 30 години, јас и моите колеги го проучувавме јазикот и познанието низ филтерот, низ леќите, на теоријата позната како Теорија на Релациска Рамка, или ТРР; теорија што јас ја создадов пред многу децении, а потоа ја вградив во Терапијата на Прифаќање и Посветеност, или ТПП, која е цел сет на методи што ги користиме во многу, многу различни области на човековото страдање. Сакам да ви објаснам што е јазик и познание, зошто она што го правиме овде се разликува од она што птиците надвор го прават. Откако ќе ви објаснам ќе знаете како да газите на гаста уште повеќе. Но, тоа не е целта на мојот говор. Исто така, ќе знаете зошто не смеете да се потпирате на тој дел од умот во моментите кога треба да успорите, во моментите кога ве води во погрешна насока. 30 години истражување можам да ги сумирам во мала стихотворба. Понижувачки е дека тоа е можно, но можно е. Оди вака: Прво научи го, потоа заклучи го, и на крај стави го во мрежи кои го менуваат твоето однесување. Ете тоа ви се 30 години работа. (Смеа) Сакам да ви објаснам што тоа значи и зошто се разликуваме од птиците надвор. Да ги разгледаме првите две реченици. Прво научи го, потоа заклучи го. Да земеме наједноставна работа. Име на некој предмет. Многу малите деца, учат дека ако нешто има име. На пример, ако ова го нарекувам буу-буу, и потоа речам, "Каде е буу-буу?" Детето, многу брзо, ќе се обиде да го најде ова. Ние сме единствените суштества што го можат ова. Шимпанзата кои учеле јазик не го можат. Истражувањата покажаа дека не можат. И патем, ве молам не ми пишувајте дека имате многу паметно куче или мачка. (Смеа) Знам дека имате. И јас имам. Но, тие не го можат ова. А, ние го можеме. На пример, ако знаете дека тркалезниот црвен предмет се вика јаболко, ако му речам на 12 месечно бебе, кое растело во едно нормално семејство каде било изложено на јазик и кое имало нормален развој, "Каде е јаболкото?" бебето ќе го бара. Потоа можете да го ставите во мрежи кои всушност го менуваат вашето однесување. Исто така, ако знаете дека јаболкото се вика и "јабука," и од вас побарам да замислите тогаш кога сте навистина жедни, како одите до фрижидерот и од него вадите шише со свеж сок од "јабука" кој го истурате во чаша, и потоа замислите како се наведнувате и го мирисате сокот од "јабука", а потоа земате неколку големи, слатки голтки од сокот од "јабука." Можете да го замислите тоа? Ако имавте памук во вашата уста и сега го исплукавте, памукот ќе беше потежок, затоа што лачите плунка на самата помисла на сок од "јабука." Освен ако не сте од Хрватска каде јаболкото се вика "јабука," веројатно не сте слушнале за овој збор се додека овој стар ќелав човек не ви кажа. Ете така оди. И неверојатно е кога ќе почнеме да учиме други релации освен имињата, како "пред" и "после," "причина" и "последица," "помало" и "поголемо." Малите деца учат подлабоко да ги анализираат ситуациите. Мало дете мисли дека петденарката е поголема од десетденарката, но четири, пет и шест годишните деца знаат дека десетденарката е поголема од петденарката. Но чекај малку. Ако десетденарката е поголема од петденарката, тогаш без оглед на тоа колку си успешен, можеби не е доволно. Требало да бидеш уште повеќе. Оваа алатка за решавање на проблеми што ја имаме може да се сврти против нас, и често го прави тоа. И што ќе правиш ако се случи тоа? Дозволете да ви посочам некои од проблемите кои се јавуваат тогаш кога ја користиме само оваа алатка. Земете го овој пример: Не сакам да мислите на желе крофни кои се полнети со крем. Значи кога таа мисла ќе ви дојде во умот или доколку ја видите крофната, не сакам да мислите на тоа, не мислете на тоа, лошо е. Важно е да не мислите на тоа. Наместо тоа, мислете на шешири. Кога ќе помислите на крофни, мислете на шешири. Шешири, запомнете, шешири. Помислете ли на крофни, мислете на шешири. Шешири, шешири. Договорено? Сфативте? Е сега, во моментот додека мислите на шешири, се чини дека делува. Вака настанува опсесивно-компулсивното растројство, потиснувајќи ги мислите. Но, ќе ви покажам дека ова е замка. Она чувство дека ги држите работите под контрола во моментот, дека логичниот дел од умот ви помогна да ја елиминирате лошата крофна, ќе ви покажам дека тоа не е точно. Што ви се јавува во умот ако речам? Црно.....бело, така? Топло....ладно, така? Шешири.... (Смеа) Крофни. (Смеа) Гледате колку брзо се случува. Прво научи го, па заклучи го, и стави го во мрежи. Мрежата е сега поголема, и само затоа што велите "не е" не значи дека не е во релација со нешто друго. Спротивноста е релација, различноста е релација. И така мрежата станува поголема. И сега шеширите ќе ве потсеќаат на крофни. Ви го ставив тоа во главата. (Смеа) И другите луѓе ви ставаат работи во главата. Не би било толку лошо ако само ние си ги ставаме работите, но не е така. Телевизорот, вашата сестра, вашиот родител кога е лут и ве критикува, или едноставно работите што ви се случуваат, сето тоа ви влегува во глава. А откако ќе влезат, е тогаш е проблем. Ако ви речам, - ова само за да видите колку брзо се одвива - Имам три броја кои сакам да ги запамтите. Луѓето од TED во соработка со Академијата Дејвидсон, можеби и самата Академија, ми дадоа 10,000 долари, кои треба да ви ги дадам вам доколку се сетите кои се броевите една недела од сега. Значи многу е важно. Еве ги броевите: Еден, два, три. Немој да ги заборавите. Ве чекаат десет илјадарки. Ако ве допрам за рамото една недела од сега и ве прашам, "Кои се броевите?" вие ќе речете... Еден, два, три, не ги заборавајте. Многу се важни. Ве излажав. Нема пари. (Смеа) Но дали се сомневате дека ако една недела од сега дојдам до вас и речам, "Кои се броевите?" "Ќе можете да ми одговорите? Колку од вас мислат дека нема да можете да одговорите? А еден месец од сега? Има ли луѓе на кои еден месец од сега броевите еден, два, три, се уште ќе им бидат во главата? Навистина? А една година од сега? Има луѓе кои една година од сега... А кога ќе бидете на смртна постела? "Кажи ми ги броевите?" (Смеа) Зошто? Само затоа што ви ги кажав, тоа е доволно. Затоа што така функционира човечкиот нервен систем. Тоа е како да имаш дигитрон кој нема копче за минус, и нема копче за бришење, само за плус, за еднакво и за множење. Откако ќе влезе, останува. Ви велам како психолог, во психологијата нема процес кој се вика "одучување." Има екстинкција, итн., но тоа е инхибирање. Тоа не е одучување. Ако сте го заборавиле можете одново да го научите, но овојпат побрзо, што значи дека тоа некако останало внатре. Еден, два, три ќе ви останат во главата до крајот на животот. (Смеа) Но замислете дека е нешто навистина болно. Замислете дека е вашата девојка, како ви вели "Не те сакам." Замислите дека длабоко ве изневериле. Тоа не може да отиде на друго место. Останува со вас, а кога гласот ќе започне да ви вели дека сте несакани и дека животот не вреди да се живее, кога тоа ќе се случи, ќе треба да ги употребите кочниците. А малава стихотворба ни посочува каде се тие. Не се во делот "прво научи го, па заклучи го, и стави го во мрежата" Кога дебатирате сами со себе тогаш само градите мрежи. Вистина, ако немаш информација, во ред, најди ја. Ако треба да размислуваш пофлексибилно, во ред. Но, за повеќето работи со кои навистина се бориме, ние мислиме дека ќе најдеме гума, или копче за бришење, а тоа не постои. Но, последнава реченица ни сугерира што да направиме: да го промениме она што го правиме. Постојат начини да ја промениш функцијата на мислите, она како функционираат откако ќе се појават. Кои се броевите? (Смеа) Тигарот наречен јазик и познание го јаваме уште од настанокот на хомо сапиенсот, и веројатно, уште од времето на човеколиките мајмуни. Тоа е веројатно пред 400,000 години. Знаеме дека не е пред повеќе од 2.8 милиони години зашто шимпанзата не го можат ова. Но, ние да. Ние сме го јавале тигарот и сме се обидувале да го разбереме. И што да правиме? Одговорот нема да го најдеме во рационалниот дел од нашата култура. Туку во мистичниот дел. Во духовните и религиозните традиции. Тоа ќе ни помогне да го откриеме процесот. Како да го промениме она што го правиме? Откако ќе го видите тоа, ќе сфатите дека има и други начини кои се надвор од тие традиции. Тие се создадени и тестирани во рамки на ТРР и ТПП. Сè што ќе ви кажам е тестирано во повеќе научни студии, буквално стотици истражувања за ТРР и близу 1,000 студии за ТПП. Да го разгледаме првиот начин кој е директно поврзан со духовните и религиозните традиции, а тоа е целосната свесност за мислите. Тој ќе ни помогне да го видиме принципот. Ако некој од вас е медитатор, знаете дека ваша работа е едноставно да бидете непристрасен набљудувач на сопствениот мисловен процес. За да го правите тоа не ви се потребни религиозни приказни. Секој од вас го може тоа. Можете да замислите облаци на небото како се движат, и секоја мисла што ќе ви се појави треба да ја ставите на еден од облаците. Не го туркајте. Облакот си има брзина на движење. Не го задржувајте. Не можете да ги контролирате облаците. Ставете ја мислата и пуштете ја. Ако се врати, ставете ја на следниот облак. Или користете било што. Автомобили на автопат или лисја што пловат во река. Вежбајте го ова и ќе стекнете вештина. Што е всушност вештината? Таму лежи кочницата. Еве што всушност е вештината: да гледате како вашиот ум си ја врши работата со чувство на дистанца и непристрасна љубопитност. Притоа, да не бидете заведени од мислите, да не им дозволите да ве управуваат туку да го фатите мисловниот процес во лет, и токму тоа е целта на контемплацијата и медитацијата. Така правилно се користат кочниците. Како да гледате пајак кој плете мрежа, мала когнитивна мрежа. Набљудувајте го тоа. Зареме не е интересно? Така се користат кочниците? За време на контемплација се случува токму тоа, и затоа ви ја препорачувам на сите, добро е да ја практикувате. Но, ќе ви препорачам и работи кои ќе ви изгледаат смешни, малку чудни. Но, истражувањата покажаа дека се полезни. Првата препорака. Дајте му на вашиот ум име. Ако има име, тогаш се разликува од вас. Можете да го слушате со чувство на дистанца и да го гледате како брбори и донесува одлуки. Ќе му дозволите ли да управува со вас? Понекогаш има добар, а понекогаш лош совет. Не морате да дебатирате со него или да го терате да не ви зборува. Не морате да му го смените мислењето. Само речете, "Во ред, ти благодарам, Џорџ. Уште нешто да кажеш? А, во ред. Ти благодарам." Мојот ум се вика "Џорџ." Ако не ви се допаѓа Џорџ, изберете си друго име. Ако не ви текнува, можете да го викате Господине Паметен или Госпоѓо Паметна и на тој начин буквално се дистанцирате доколку ви се јават болни мисли. Имате чувство дека вашиот ум ви зборува. Може да ви зборува за работи што вие сте ги помислиле или што некој ви ги кажал. Кои се броевите? Не мора да биде нешто важно. Ако имате некоја мисла и сакате да се дистанцирате од неа, не да направите да исчезне, наместо да и` дозволите да ве заведе, само набљудувајте ја онака како што е. Ако имате мисла, некоја многу лоша мисла, како "Јас сум лош, јас сум навистина лош," и се чувствувате тажно, ви препорачувам да ја пеете мислата. Во недостаток на предлози, што велите за "Среќен Роденден"? (Пее со мелодија на "Среќен Роденден") "Јас сум многу, многу, многу лош. Јас сум многу, многу, многу лош. Јас сум многу, многу, многу, многу Јас многу, многу, многу лош. (завршува со пеењето) (Смеа) Ти благодарам, Џорџ. (Смеа) Ова не е за да го исмевате вашиот ум. Не ми е тоа целта. Туку, за да ве потсетам дека тоа е само глас кој ви зборува. Вие треба да одлучите дали е во склад со вашите вредности и дали ви помага во дадената ситуација. Поентата е да не функционирате на автопилот. Да не им дозволите на мислите да ве заведат и управуваат со вашиот живот. Логичниот дел од умот тука нема да ви помогне. Еве една вежба, ќе ве замолам и вие да учествувате. Ќе морате да ми помогнете, во спротивно ќе изгледам многу глупаво. Ова беше создадено од Тиченер, таткото на американската психологија пред повеќе од 100 години, точно пред 100 години. Тој имал теорија за јазикот и познанието која говорела што? Идејата му била дека јазикот го губи значењето, ако го извадиш од контекст. Тоа го правел така што, за време на јавни говори и демонстрации, ги терал луѓето гласно и брзо да повторуваат одреден збор. Го имаме истражувано ова. Вознемиреноста и увереноста се намалуваат во рок од 30 секунди. Ќе ја направам само 20 секунди, доволно е за да сфатите а и не сакам да ги полудам луѓето на Јутјуб. Ќе земеме еден збор. Да речеме млеко. Зошто? Зашто повеќето од нас знаат какво е. За момент помислете какво е млекото. Каков му е вкусот, како мириса, како изгледа. Ладно млеко, бело млеко, перцептивните функции. Сега сакам заедно со мене, и јас ќе учествувам, ќе се глупирам исто како и вие, да го кажете зборот млеко гласно, брзо, во рок од 20 секунди. И забележете што ќе се случи со белата, ладна и кремаста материја. Сакате да се глупираме само 20 секунди? Помогнете ми. Сакате? Во ред. Спремни, може. Гласно. [Сите повторуваат "млеко" во рок од 20 секунди] Малку погласно. Малку побрзо. Во ред. Најдолгите 20 секунди од целиот говор. (Смеа) Што се случи со белата, кремаста и ладна материја? Почна да исчезнува, почна да исчезнува. И други работи се појавија, како колку е тешко да изговараш еден збор постојано. Ви се измори устата. И чудниот звук. Зарем не е чуден звукот? Видете, дел од тешките мисли се програмирани, исто како, кои се броевите? Еден, два, три. На одредено ниво тие не се ништо друго, освен звуци. Ќе дозволите животот да ви зависи од тоа? Навистина? Не е безбедно. Стискајте на кочниците. Ако имате лоши мисли, правете го ова 30 секунди. Излезе дека 30 секунди е доволно, навистина брзо. Држев говор на Стенфорд. Пред голема, група на важни луѓе. Зборував за износот на пари кој го трошиме на апчиња за спиење. На слајдот пишуваше три. Јас требаше да речам, "Три милијарди," а наместо тоа реков, "Се искачи на три трилиони долари." (Смеа) Потоа отидов во хотелот и си легнав. Во 3 изутрина се разбудив и седев на креветот, "Три трилиони, идиот!" (Смеа) Тоа не е точно." Скокнав од креветот, одев напред назад. "Веројатно го снимиле. Го кажав тоа на Стенфорд." (Смеа) Си реков, "Ти си глуп. Како можеше да бидеш толку глуп?" Тоа ме потсети на повторувањето на зборови. Ако кажеш "Како можеш да бидеш толку глуп?" со паузи измеѓу тогаш реченицата ќе го задржи значењето. Но, наместо тоа јас седев на креветот и многу брзо и гласно, изговарав, "Глуп, глуп, глуп, глуп, глуп, глуп, глуп, глуп, глуп, глуп." И после си легнав. (Смеа) Ви го препорачувам ова. Кочница е. О, боже. Еве една која е ептен, ептен смешна, но предизвикува драматична промена. Ако имате тешка мисла која ве мачи, изговорете ја со различни гласови, можеби со гласот на вашиот најнеомилен политичар. Не можам да претпоставам кој е тоа. (Смеа) Или ако не ви се допаѓа тоа, што велите за лик од цртан филм? Ако ја земеме мислата, "Јас сум лош, јас сум многу, многу лош," ви гарантирам дека ќе ја доживувате поинаку, ако кажете, "Јас сум лош. Јас сум многу лош." (Смеа) Но, бидете внимателни. Не ви велам да го исмевате својот ум. Навистина, не. На крајот ќе ви објаснам како да го постигнете тоа. Целта е да се дистанцирате, да внесете малку воздух во собата. Да успорите, за да направите правилен избор. Ако навистина ви е преку глава од одредена негативна мисла која постојано ве осудува и сакате да се ослободите од неа, не го правете ова, се додека не го направите последниот чекор, а тоа е јавното декларирање. Ја земате длабоката и мрачна тајна и ја споделувате со останатите. Излезе дека сите имаме едни исти тајни. Напишете ја на налепница и залепете ја на вашите гради или пак испринтајте си ја на мајца. И гледајте што ќе се случи. Носете ја за да ве видат сите. Ви гарантирам дека лошата мисла ќе ја изгуби моќта уште во самиот момент. Робин Валсер, ТПП терапевт од Пало Алто ја смисли вежбава работејќи со ветерани кои се соочуваа со навистина тешки мисли. Од војниците бараме да прават вакви тешки работи. Во нивната глава често им се врти мислата "убиец." Тие сфаќаат дека повеќе не смеат да дозволат ваквите мисли да им го управуваат животот. Ги носат како беџови. Вежбава првпат ја направив кога држев работилница во еден црковен камп на езерото Тахо. Го напишав зборот "злобен." Се присетив како ме фатија кога имав шест години. Бев во Ел Кахон, Калифорнија. Држев лупа и пробував да дознаам колку брзо оди тарантулата ако и` го вжариш задникот. (Смеа) Уште се сеќавам како изгледаше лицето на мајка ми. (Прави гримаса) Многу сум лош. Знаете, такви чудни работи прават малите момчиња. И знам. Не треба да им го правам тоа на пајаците, знам. Но, еве ме во 50-те или 60-те години од животот си го носам со мене "Јас сум злобен." Навистина? И така, го залепив на гради. Но, беше ептен тешко. Кога имавме пауза, отидов да земам кафе од готвачот. Одев вака за да не го види. (Смеа) И сега, целосно го снема. Знам дека тоа ми се случило, и тука завршува. Во ред. Но, не сум злобен. Нема да бегам од оваа помисла до крајот на животот. Полесната варијанта е да ги ставите лошите мисли кои ви се јавуваат на скринсејверот. Земете ги тешките мисли и ставете ги на скринсејверот. Имајте прилика да ги набљудувате тие мисли и запрашајте се: Дали навистина тие ќе ми го управуваат животот? Моите студенти. Сигурен сум дека се тие. Ми влегле во канцеларија. Сигурен сум дека се тие. Јас бев на состанок. Погледнав во компјутерот. Пишуваше, "Длабоко, нешто не е во ред со тебе." (Смеа) Кога тогаш ќе дознаам кој го сторил ова, немојте да мислите дека нема. Некој успеал да се прикраде. Сакам да завршам со последниот пример од стотиците кои ги создадовме. Можете да ги најдете во книгите за ТПП. Ако имате нешто слично како мене, што се случило пред многу години, замислете се во најмладата возраст како имате ваква мисла или ваква работа. Замислете како сте изгледале на таа возраст: каква ви била косата, како сте биле облечени. И тогаш, во фантазијата истите тие зборови нека излезат од устата на детето, од самото дете со детски глас. Ви гарантирам, ќе ви го распори срцето. Работите кои си ги кажувате сега, слушнете ги како доаѓаат од устата на дете. Ќе чувствувате милост и сочувство кон самите себе, што е и целта на овие методи. Тука не зборуваме за исмевање. Тука учиме како да се справиме со тигарот наречен јазик, како да го јавате, а притоа да не ве фрли преку работ на карпата. Ви дадов неколку идеи за тоа каде се наоѓаат менталните кочници. Тие не подразбираат решавање, преиспитување и менување на вашите мисли. Туку, заземање став на сочувство и милост кон себе, и набљудување на малиот ментален пајак како си ја врши работата со чувство на непристрасна љубопитност. Дозволете му на умот да го прави она што го прави, но бидете свесни кога ве турка во погрешна насока, и тогаш нагазнете на кочниците. Потребна ви е ваквата вештина. На сите ни е потребна. А менталните кочници спречуваат нервни сломови. Се надевам дека ви бев од корист. Благодарам. (Аплауз)