Интернетот ни дава слобода да разговараме со пријателите, да твориме уметност, да почнеме со свој бизнис или да говориме против нашите влади, сето тоа во претходно невиден обем. Воопшто не се работи за коинциденција. Дизајнот на Интернет произлегува од отворената афирмативна дискусија на глобалната заедница на научници и инжинери, па немаше притисок од горе за негово затварање. Сепак, сега едно меѓународно тело контролирано од владите во светот се обидува да стане новиот простор каде ќе се одлучува за иднината на Интернетот. Тоа тело е Меѓународната унија за телекомуникации (или ITU). Така, во декември, владите на светот ќе се состанат за да одлучат дали да го прошират нејзиниот мандат да носи значајни одлуки за мрежата. ITU може да претставува опасност за слободата на изразувањето онлајн насекаде во светот. Еве зошто. Пред се, основните факти. Интернетот нема сопственик. Се работи за збир од независни мрежи од целиот свет. Секој може да си изгради своја мрежа. Заедничките стандарди на кои е изграден Интернетот произлегуваат од отворените онлајн дискусии, а не од приоритетите на една одредена влада или компанија. А сега, да се запознаеме со ITU! Како прво, ITU е навистина старо тело. Многу постаро од CD-то или телефонот со ротациски бројчаник, старо колку и телеграфот, како Морзеовиот код. На основањето во 1865 година, беше наречено Меѓународна унија за телеграфија. За разлика од Интернетот, ITU не е изградена на отворена дискусија помеѓу научниците и инжинерите. Напротив, само владите имаат право на глас во ITU. А нивното гласање се одвива зад затворени врати. Ако владите успеат да и обезбедат на Унијата поголеми овластувања да олучуваат за Интернетот, ќе добиеме старомодна, хиерархиски поставена, владо-центрична организација што ќе го замени отвореното управување од доле нагоре што му овозможи на Интернет да го менува светот. Тоа е само почетокот на нашите проблеми. ITU не е транспарентна организација. Нацрт-предлозите на ITU не се јавни, а моделот „една држава - еден глас“ ја резервира моќта за владите. Тие можат да носат одлуки за нашиот интернет, без воопшто да знаеме за што расправале, а нас само ќе не известат каква одлука е донесена. Какви одлуки ќе бидат разгледувани на состанокот на ITU во декември? Еве неколку предлози што протекоа во јавноста: прекин на пристапот до Интернет поради неколку преопшто дефинирани причини; повреда на меѓународните норми за човековите права; давање поголеми овластувања на владите за следење и регулирање на сообраќајот на интернет; дефиниција на „спам“ пораките што е толку широка што оправдува блокирање на што било, од фотографии на симпатични мачиња до кампањи за човековите права. Има и нови правила за наплата на компензација од провајдерите на онлајн содржини за нивниот пристап до корисниците, што може да доведе до тоа помалку содржини да стигнат до земјите во развој, и до блокирање на сајтовите што не платиле. А сега најстрашното: државите што најсилно притискаат за контрола на ITU се истите оние држави што агресивно го цензурираат интернетот. Во Русија, ако направите YouTube видео против владата, можете да добиете затворска казна до две години. Во Кина не можете ни да им пристапите на најголемиот број сајтови на социјалните медиуми. Иран се обидува да изгради своја сопствена интернет и е-маил мрежа, за да го држи целото население под контрола. Од друга страна, ITU прави и добри дела: Унијата помага во воспоставувањето на телекомуникациски мрежи и ширење на широкопојасните брзи конекции во земјите во развој. А постоечкиот систем на управување со интернет е далеку од совршен. САД имаат преголемо влијание и овластувања на тоа поле. Сепак, тие проблеми мора да ги решиме на начин што ќе ги зачува отвореноста, прагматичноста и управувањето оддолу нагоре што го прават Интернет толку добра работа. Во декември, нашите влади ќе се состанат да ги донесат конечните одлуки за иднината на Интернет. Останува на нас, на корисниците на Интернет во сите земји на светот, да им кажеме да застанат во одбрана на отворениот Интернет. Ако сите што ќе го погледаат ова видео проговорат гласно и ги контактираат своите влади, постои шанса да победиме. Помогнете ни да го споделиме ова видео и посетете го овој сајт за да проговорите и да ја контактирата вашата влада веднаш! Да го искористиме глобалниот досег на интернет за да го одбраниме! Побарајте од вашите водачи да се спротивстават на пренесувањето на овластувањата за клучните одлуки што се однесуваат на интернет на ITU.