Термохалинска циркулација и Голфска струја Океанските струи имаат директно влијание врз нашите животи. Тие влијаат на времето, климатските услови и многу повеќе. Океанските струи и ветерот пренесуваат топлина од екваторот накај половите и дејствуваат како голем мотор за глобалната клима. Во океаните има многу струи. Термохалинската циркулација е многу важна за нашата клима. Овој термин опишува комбинација на струи кои предизвикуваат размена на вода помеѓу четири од петте океани. Тие формираат систем на струи распространет низ целиот свет. Во поимот термохалинска циркулација “термо“ се однесува на температурата, а “халинска“ на концентрацијата на сол во водата. Двете заедно ја одредуваат густината на водата. Иако водата може делумно да се движи поради ветерот, разликата во густината на океаните е главната причина за нејзиното движење. Топлата вода има пониска густина и плови, а ладната вода тоне. Густината на водата се зголемува и со концентрацијата на сол. На екваторот Сонцето грее многу силно, што предизвикува многу испарување и зголемување на соленоста на водата. Токму таму почнува Голфската струја. Голфската струја е многу важна за европскaта клима. Со должина од 10.000 km, таа е една од најдолгите и најбрзи струи на Земјата, и е многу топла. Со брзина од околу 2 m/s, таа носи и до 100.000.000 m³ вода во секунда накај Европа. Југоисточниот пасат, кој е постојан ветер, ја носи топлата вода од површината накај северозапад, сè до Мексиканскиот Залив каде таа се загрева до 30 °C. Ротацијата на земјата и западните ветрови потоа ја насочуваат Голфската струја накај Европа и ја делат. Еден дел плови на југ, друг на исток и се вика Канарска струја, а трет дел плови накај север каде ослободува многу топлина во атмосферата и е познат како Североатлантска струја. Таму водата станува поладна. Поради испарувањето се зголемува концентрацијата на сол и густината на водата, и водата почнува да тоне помеѓу Гренланд, Норвешка и Исланд. Таму се наоѓаат најголемите водопади на Земјата, или водни оџаци: тоа се столбови вода широки околу 15 km и високи до 4.000 m. секоја секунда паѓаат 17,000,000 m³ вода, или отприлика 15 пати повеќе вода отколку што носат сите реки на светот. Ова предизвикува силен вител, кој постојано привлекува нова вода и така ја тера Голфската струја накај Европа. Многу животни ја користат Голфската струја за превоз од Караибите на Север. Но таа не носи само животни, туку и огромни количини на топол воздух. За да се произведе иста количина топлина како таа што Голфската струја ја носи во Европа би ни требале 1.000.000 нуклеарни централи. Затоа Голфската струја се вика топлотна пумпа. Без неа, температурата овде би била значајно пониска, барем пет до десет степени. Наместо бујни полиња, во Европа би имале долги зими и пејзажи покриени со снег. Во последните години, научниците и експертите често зборуваат за ризикот од престанување на Голфската струја поради климатските промени. Ако поларниот мраз се стопи, концентрацијата на сол во водата во Гренланд ќе се намали, а со тоа ќе ѝ се намали и густината. Североатлантската струја нема веќе да биде доволно тешка и нема да тоне како сега. Во најлош случај, тоа ќе предизвика Голфската струја, нашата топлотна пумпа, да застане. Некои климатски експерти мислат дека глобалното затоплување би можело да го компензира овој ефект. Знаеме дека климата природно се менува што се гледа во развојот на земјата во изминатите неколку милиони години. Имало ладни и топли доби. Во последната ледена доба, огромна поплава од стопен мраз ја блокирала топлата Северностланска струја, покривајќи ја северната хемисфера со мраз. Научниците имаат различни видувања за влијанието кое климатските промени ќе го имаат врз термохалинската циркулација, но едно е сигурно: кога климата ќе се смени, комплексниот систем на океански струи и ветрови, кој бил стабилен од последната ледена доба, ќе се смени на начини кои сè уште не ги разбираме.