Знам што си мислите. Си мислите дека сум се загубила. и дека некој ќе дојде на сцена за една минута и полека ќе ме одведе до моето седиште. (Аплауз) Ова ми се случува постојано во Дубаи. "Овде сте на одмор, нели драга?" (Смеа) "Дојдовте да ги посетите децата? Колку долго ќе останете?" Па всушност, се надевам дека ќе останам подолго. Живеам и предавам на Заливот повеќе од 30 години. (Аплауз) И во целиот тој период, видов многу промени. Сега таа статистика е прилично шокантна. И сакам да Ви зборувам денеска за загубата на јазиците и глобализацијата на англискиот јазик. Сакам да ви кажам за мојата пријателка која предаваше англиски на возрасни во Абу Даби. И еден сончев ден, решила да ги одведе во градината за да ги научи зборови поврзани со природата. Но, на крајот таа ги научила сите арапски зборови за локалните растенија, како и нивната примена - примена во медицината, козметиката, готвењето, за растенијата. На кој начин го стекнале овие студенти сето тоа знаење? Секако, од нивните баби и дедовци и дури од нивните прадедовци и прабаби. Не е неопходно да се каже колку е важно да си способен да комуницираш низ генерациите. Но, за жал, денеска, јазиците изумираат со невидена стапка. Еден јазик умира секои 14 дена. Сега, во исто време, англискиот јазик е неспорен глобален јазик. Можно ли е да постои поврзаност? Па, не знам. Но, знам дека сум видела многу промени. Кога дојдов за прв пат на Заливот, дојдов во Кувајт во деновите кога сеуште беа тешки времиња. Всушност, не толку одамна. Тоа е малку прерано. Но, сепак, бев вработена од страна на Британскиот совет заедно со уште 25 други професори. И ние бевме првите не-Муслимани кои предаваа во државните училишта во Кувајт. Бевме донесени да предаваме англиски затоа што владата сакаше да ја модернизира земјата и да ги развие граѓаните преку образование. И, секако, Обединетото кралство имаше корист од дел од тоа привлечно нафтено богатство. Добро. Сега, ова е најголемата промена која сум ја видела - како предавањето англиски се измени од заеднички корисна практика во тоа да стане масивен меѓународен бизнис каков што е денеска. Не е повеќе само странски јазик во училишната програма. И не е повеќе единствен имот на мајка Англија. Тој стана предводник за секоја нација која зборува англиски на земјата. И зошто да не? На крајот на краиштата, најдоброто образование - според последните рангирања на светски универзитети може да се најде на универзитетите во Обединетото Кралство и во САД. Така што, природно е што секој сака да има образование на англиски. Но, ако англискиот јазик не ти е мајчин, мора да положиш тест. Сега може ли да биде исправно да одбиеш студент само заради лингвистичката способност? Можеби имате научник за компјутери кој е гениј. Би му требал ли нему истиот јазик, како на пример, на правник? Па, јас не мислам така. Ние, професорите по англиски ги одбиваме постојано. Ставаме знак стоп, и ги запираме на нивниот пат. Тие не можат да го остварат својот сон повеќе, сè додека не научат англиски. Дозволете ми вака да кажам, доколку сретнам некој кој зборува само холандски кој има лек за рак, дали ќе го запрам да не студира на мојот Британски универзитет? Мислам дека нема. Но, всушност токму тоа го правиме. Ние, професорите по англиски сме портири. И вие треба прво нас да нè убедите дека зборувате англиски доволно добро. Сега може да биде опасно да дадете премногу моќ на тесен сегмент од општеството. Можеби пречката би била премногу универзална. Добро. "Но," слушам дека велите, "што е со истражувањата? Сите се на англиски јазик." Книгите се на англиски, научните списанија се пишуваат на англиски, но тоа е пророштво што само се исполнува. Ја храни потребата од англиски. И така продолжува. Ве прашувам, што се случи со преведувањето? Ако мислите на исламското златно доба (Islamic Golden Age), тогаш имало многу преводи. Тие преведувале од латински и грчки на арапски, на персиски, и потоа се преведувало на јазиците од германската група од Европа и на јазиците од романската група. И толку многу светлина светеше над темното доба во Европа (Dark Ages of Europe). Немојте да ме сфатите погрешно; јас не сум против предавање на англиски, сите вие професори кои предавате англиски. Го обожавам фактот што имаме глобален јазик. Денес ни треба глобален јазик повеќе од било кога. Но, јас сум против тоа да се употребува јазикот како пречка. Дали навистина сакаме да завршиме со 600 јазици и главен јазик да остане англискиот, или кинескиот? Ни треба повеќе од тоа. Каде ќе ја повлечеме линијата? Овој систем ги изедначува интелигенцијата со познавањето на англискиот јазик што е прилично произволно. (Аплауз) И сакам да ве потсетам дека гигантите на чии раменици почива денешната интелигенција не морале да знаат англиски, не морале да полагаат тест по англиски. Чист пример е Ајнштајн. Тој, патем, бил сметан за проблематично дете во училиште затоа што, всушност бил дислексичен. Но, за среќа на светот, тој не морал да полага тест по англиски јазик. Затоа што, тие тестови не започнале се до 1964 кога започнал TOEFL, американскиот тест по англиски јазик. Сега ова експлодираше. Постојат сè повеќе и повеќе тестови по англиски јазик. И милиони и милиони студенти ги полагаат овие тестови секоја година. Сега, можеби ќе помислите, вие и јас, тие провизии не се лоши, добри се, но тие се елиминаторни за толку многу милиони сиромашни луѓе. Според тоа, ние веднаш ги одбиваме. (Аплауз) Ми доаѓа на памет еден наслов што го видов неодамна: "Образование: Големата поделба." Сега сфатив, разбирам зошто луѓето би се фокусирале на англиски. Тие сакаат да им ги пружат на нивните деца најдобрите можности во животот. И, за да го направат тоа, ним им треба западно образование. Затоа што, секако, најдобрите работни места одат кај луѓе што се надвор од Западните универзитети, кои ги спомнав порано. Тоа е движење во круг. Добро. Дозволете да ви кажам приказна за двајца научници, двајца англиски научници. Тие правеле експеримент поврзан со генетика и долните и горните екстремитети на животните. Но не можеле да ги добијат резултатите кои ги посакувале. Тие всушност не знаеле што да прават, сè додека не им пришол еден германски научник кој сфатил дека тие користеле два збора за долни и горни екстремитети, додека генетиката не прави разлика како ни германскиот. Па бинго, проблемот е решен. Ако не може да ви текне некоја мисла, заглавени сте. Но, ако некој друг јазик може да смисли таква мисла, тогаш, преку соработка, можеме да постигнеме и да научиме многу повеќе. Мојата ќерка, дојде во Англија од Кувајт. Таа студираше наука и математика на арапски. Тоа е арапско средно училиште. Мораше да преведува на англиски во нејзиното училиште по граматика. И беше најдобра во класот по овие предмети. Тоа ни кажува дека, кога студентите доаѓаат кај нас од странство. можеби не им даваме доволно признание за она што го знаат, а го знаат тоа на нивниот мајчин јазик. Кога умира еден јазик, не знаеме што губиме со тој јазик. Тоа значи - не знам дали сте гледале на CNN неодамна - ја врачија наградата Heroes Award на младо момче овчар од Кенија кој не можел да студира ноќе во неговото село како сите други селски деца, затоа што газиената ламба, правела чад и ги оштетила неговите очи. И покрај тоа, никогаш немало доволно газија, зашто, што можете да купите со еден долар дневно? Тој измислил бесплатна соларна ламба. И сега децата во неговото село ги имаат истите оценки на училиште како и децата кои имаат електрична енергија дома. (Аплауз) Кога ја прими наградата, ги изговори овие прекрасни зборови: "Децата може да ја поведат Африка од она што е денеска, темен континент, кон светол континент." Едноставна идеја, но може да има толку далекусежни последици. Луѓето кои немаат светлина, без разлика дали физички или метафорично, не можат да ги положат нашите испити, и никогаш нема да знаеме што знаат тие. Ајде да не ги оставиме нив и себеси во темнина. Ајде да ја славиме различноста. Водете сметка за вашиот јазик. Користете го за да ги распространите големите идеи. (Аплауз) Ви благодарам многу. (Аплауз)