Зборувам за сочувството од гледна точка на Исламот.
Мојата верба, можеби, не е многу позната
како верба базирана на сочувство.
Но, вистината е поинаква.
Нашата света книга, Куранот, се состои од 114 поглавја
и секое поглавје почнува со т.н. бисмиллах,
изреката „Во името на Бога, Милостивиот, Сомилосниот“.
Или, како што Сер Ричард Бартон,
не оној Ричард Бартон што ја ожени Елизабет Тејлор,
туку Сер Ричард Бартон кој живеел еден век пред тоа
и бил патник по светот
и преведувач на многу литературни дела,
ја преведува како „Во името на Бога, кој сочувствува, Милозливиот“.
Во една изрека од Куранот, кој за Муслиманите го претставува Господовиот збор кон човештвото,
Господ му вели на пророкот Мухамед,
за кого веруваме дека е последиот од серијата пророци,
почнувајќи од Адам, вклучувајќи го Ное, Мојсеј, Авраам,
вклучувајќи го Исус Христос и завршувајќи со Мухамед,
му вели „Те пративме тебе, Мухамед,
како раама, како извор на сочувство за човештвото“.
И за нас како човечки суштества, а особено за нас како Муслимани,
чија мисија и цел во следењето на патот на пророкот
е да станеме слични на него,
пророкот во една од неговите изреки рекол:
„Украсете се со особините на Господ“.
А, бидејќи и самиот Господ рекол дека една од неговите главни особини е сочувството,
всушност, Куранот вели дека „Господ си пропиша за Себеси сочувство“,
или „завладеа со сочувство“.
Затоа, нашата цел и мисија мора да се да бидеме извори на сочувство,
активатори на сочувство, актери на сочувство,
говорители на сочувство и сторители на сочувство.
Сето тоа е поволно и добро,
но каде грешиме
и кој е изворот на недостаток на сочувство во светот?
За да одговориме на ова, ќе се навратиме кон нашето одухотворување.
Во секоја религиска традиција постои т.н. надворешна и внатрешна патека,
или егзотерична и езотерична патека.
Езотеричната патека на Исламот е попозната како суфизам, или тасавуф на арапски.
И овие доктори или научници,
овие духовни учители на суфистичката традиција,
се потпираат на учењата и примерите на нашиот пророк
кои нè учат за изворот на нашите проблеми.
Во една од битките кои пророкот ги водел,
им рекол на своите следбеници: „Се враќаме од помалата војна
во поголемата војна, во поголемата битка“.
А, тие му рекле: „Господов пратенику, изморени сме.
Како да одиме во поголема битка?“
Тој рекол „Тоа е битка со самиот себе, битка со егото“.
Изворите на човековите проблеми се поврзани со егоизам. Јас.
Познатиот суфистички учител Руми, кој ви е многу добро познат на сите вас,
има приказна во која раскажува за човек кој оди во куќата на еден пријател,
чука на вратата
и еден глас му одговара: „Кој е тоа?“.
„Тоа сум јас“, или граматички поточно, „Јас сум“,
како што би кажале на македонски.
Гласот вели: „Оди си“.
По многу години вежбање, дисциплина, истражување и борба,
тој повторно се враќа
и, со многу поголема човечност, повторно чукнува на вратата.
Гласот прашува: „Кој е тоа?“.
Тој вели: „Тоа си ти, срцекршачу“.
Вратата широко се отвора и гласот вели:
„Влези, во оваа куќа нема место за две Јас,
...за две ега“.
И приказните на Руми се метафори за духовниот пат.
Во присуство на Господ, нема место за повеќе од едно Јас,
а тоа е Јас на божеството.
Во едни учења од нашата традиција, наречени Хадиси Кудси,
Господ вели „Мојот слуга“, или „моето суштество, моето човечко суштество,
не ми приоѓа со ништо што би ми било подраго
освен со она што го барам од него“.
Оние од вас кои се работодавци знаат точно на што мислам.
Вие сакате вашите работници да го работат она што ќе им го побарате.
Ако го направат тоа, тогаш можат да направат и повеќе,
но не игнорирајте го она што сте им кажале да го направат првиот пат.
Па, Господ вели: „Мојот слуга продолжува да ми се доближува,
правејќи повеќе од она што сум му го побарал“,
тоа би можеле да го наречеме екстра кредит,
„сè додека не го сакам него или неа“.
„А, кога Јас го сакам мојот слуга“, вели Господ,
„станувам очите со кои тој или таа гледа,
ушите со кои тој или таа слуша,
раката со која тој или таа зема,
нозете со кои тој или таа чекори
и срцето со кое тој или таа разбира“.
Ова спојување на самите себеси со божеството
е лекцијата и целта на нашиот духовен пат и сите наши религиозни традиции.
Муслиманите го гледаат Исус како учител на суфизмот,
најголемиот пророк и гласник кој дојде за да му даде значење на духовниот пат.
Кога тој вели: „Јас сум духот и јас сум патот“,
кога пророкот Мухамед вели: „Оној кој ме видел мене, го видел Господ“,
тое е затоа што тие станале инструменти на Господ,
станале дел од Господовиот здив,
така што Господовата волја е прикажана преку нив,
а не од делата поттикнати од нив самите или нивното его.
Сочувството на Земјата ни е дадено, тоа е во нас.
Сè што треба да направиме е да го тргнеме егото настрана,
да го тргнеме егоизмот настрана.
Сигурен сум дека, веројатно, сите вие тука, или барем мнозинство од вас,
доживеале нешто што би можело да се нарече духовно искуство.
Еден момент во вашите животи кога, за неколку секунди или минута можеби,
границите на вашето его исчезнале.
И во таа минута, сте почувствувале како да сте едно со Универзумот,
едно со овој бокал вода, едно со секое човечко суштество,
едно со создавателот.
И сте го почувствувале присуството на моќта, на емоцијата,
на најдлабоката љубов, најдлабоката емоција на сочувство и благодарност,
која некогаш сте ја доживеале во животот.
Тој момент ни е подарок од Господ.
Подарок кога, за момент, тој ја крева границата
која нè тера да инсистираме на „јас, јас, јас“,
и наместо тоа, како личноста во приказната на Руми,
велиме „Ох, сето ова си ти“.
Сето ова си ти. И сето ова сме ние.
И ние, и јас и сите сме дел од тебе.
Сесоздавател, нашата цел, изворот на нашето битие
и крајот на нашето патување.
Ти си, исто така, и нашиот срцекршач.
Ти си она кон што треба да целиме, за чија цел живееме,
за чија цел ќе умреме
и за чија цел повторно ќе воскреснеме,
за да му докажеме на Господ до кој степен сме биле сочувствителни суштества.
Нашата порака и цел денеска,
за сите што сте тука денеска,
и целта на овај говор за сочувството е да потсети.
Куранот секогаш нè тера да запомниме, да се потсетиме,
затоа што познавањето на вистината е во секој човек.
Ние знаеме сè.
Имаме пристап кон сè.
Јунг тоа го нарекува потсвест.
Преку нашата потсвест, во нашите соништа...
Куранот таа состојба на сон ја нарекува помала смрт,
привремена смрт.
Додека спиеме, сонуваме, имаме визии,
многумина од нас дури и патуваат надвор од своите тела,
и гледаме прекрасни нешта.
Патуваме надвор од границите на просторот, таков каков што го познаваме,
и надвор од границите на времето.
Но, сето ова е за да го прославиме името на создавателот,
чие првично име е Оној кој сочувствува, Милозливиот.
Господ, Бог, со кое било име наречето го. Алах, Рам, Ом.
Кое и да е името со кое го именувате
или пристапувате кон присуството на божеството,
тоа е точката на апсолутното суштество,
апсолутната љубов, милост и сочувство,
и апсолутното знаење и мудрост,
кое Хиндусите го нарекуваат сатчитананда.
Јазикот се разликува,
но целта е иста.
Руми има и друга приказна
за тројца луѓе: Турчин, Араб
и заборавам која е третата личност, но да речеме дека е Македонец.
Првиот бара ангур...
другиот бара енеб, а третиот бара грозје.
И така се расправаат и караат,
„Сакам грозје, сакам енеб, сакам ангур“,
без да знаат дека зборовите кои ги употребуваат
го означува истото нешто само на различни јазици.
По дефиниција, има само една апсолутна реалност,
едно апсолутно суштество,
затоа што апсолутното, по дефиниција, е единствено,
апсолутно и единечно.
Постои апсолутна концентрација на постоење,
апсолутна концентрација на совест,
свест, и апсолутна точка на сочувство и љубов,
која ги дефинира примарните својства на божеството.
А, тоа, исто така, треба да бидат
и примарните својства на она што значи да се биде човек.
Бидејќи, она што го дефинира човештвото, можеби биолошки,
е нашата физиологија,
но Господ го дефинира човештвото по нашата духовност, по нашата природа.
А, Куранот вели, обраќајќи им се на ангелите:
„Кога ќе го завршам создавањето на Адам од глина
и ќе му вдахнам од мојот дух,
тогаш покорете му се“.
Ангелите се покорија, не пред човековото тело,
туку пред човековата душа.
Зошто? Бидејќи душата, човековата душа,
содржи дел од божествениот здив,
дел од божествената душа.
Ова, исто така, е изразено и во Библијата,
која учи дека сме создадени според Божјиот лик.
Кој е ликот Божји?
Божјиот лик е апсолутното постоење,
апсолутната свест, знаење и мудрост,
и апсолутното сочувство и љубов.
И, затоа, за да бидеме човечни,
во најшироката смисла на она што значи да се биде човек,
во најрадосната смисла на она што значи да се биде човек,
ние самите треба да бидеме сопствени чувари
на здивот на божеството во нас,
и да се трудиме да го усовршиме во себе својството да се биде суштество,
живо суштество, што постои,
својството на мудрост, совест и свест,
и својството на суштество кое сака и сочувствува.
Вака јас ја разбирам мојата религиозна традиција
и вака ги разбирам другите религиозни традиции.
Ова е заедничката платформа, на кој ние сите мора да застанеме.
А, кога ќе застанеме на неа,
убеден сум дека ќе можеме да создадеме прекрасен свет.
Јас, лично, верувам дека сме многу близу,
и дека со присуството и помошта на луѓе како вас,
ќе можеме да го оствариме пророштвото на Исак,
кој предвиде доба
кога луѓето ќе ги претопат мечовите во плугови
и повеќе нема да знаат што е тоа војна.
Стигнавме до стадиум во човековата историја кога немаме избор.
Мораме да го намалиме нашето его
и да го контролираме, било тоа да е индивидуалното, лично его,
или семејното его, националното его,
и сето тоа да биде за слава на Едниот.
Ви благодарам и Бог нека Ве благослови.
(аплауз)