Кога бев дете се договорив со мајка ми, секое полугодие да ми дозволи три дена одмор за моето ментално здравје но само доколку останам одлична во училиште. Започнав да се грижам за моето ментално здравје уште кога имав шест години. Моите наставнички секогаш ме нарекуваа „загрижената“, но подоцна дознавме дека имам анксиозност ппредизвикана од траума и клиничка депресија. Тоа го отежна моето растење. Се грижев за работи кои другите деца не ги интересираа и училиштето понекогаш многу ме оптоваруваше. Тоа доведе до многу психички состојби панични напади -- понекогаш бев продуктивна а други денови не можев ништо да правам. Ова се случуваше во период кога никој не зборуваше за менталното здравје како што се зборува сега, особено кај младите. Во некое полугодие ги користев сите денови во друго, не користев ниеден. Знаев дека секогаш ми се на располагање и тоа ме правеше среќна, здрава, и успешна ученичка. Сега ги користам истите методи што ги научив како мала за да им помогнам на други ученици со овие потешкотии. Сега сум тука за да ве внесам во светот на ментално здравје на тинејџерите: што се случува, како стигнавме до тука, и што да правиме? Но, прво треба да разберете дека иако не секој има дијагностицирана ментална болест како мене, апсолутно секој од нас -- секој од нас поседува ментално здравје. Сите имаме мозок за кој треба да се грижиме слично како што се грижиме за нашата физичка благосостојба. Главата и телото ни се поврзани не само преку нашиот врат. Менталните болести се манифестираат и на физички начин како гадење, главоболки, замор, губење воздух Па, ако менталното здравје нѐ засега сите, нели би требало да донесуваме решенија достапни за сите? Со тоа го почнувам вториот дел од мојата приказна. Кога бев во средно училиште добро се снаоѓав со одржување на моето ментално здравје. Бев успешна ученичка и бев претседател на асоцијацијата на ученичкиот совет во Орегон. Но, во овој период почнав да сфаќам дека менталното здравје е многу поголем проблем не само за мене лично. За жал, во мојот роден град се случија неколку самоубиства за време на мојата прва година во средно училиште. Бев сведок како тие трагедии ја потресоа целата заедница, и како претседател на државна група, почнав да дознавам сѐ повеќе приказни од ученици дека истото се случувало и во нивните места. Затоа, во 2018 година на годишниот летен камп одржавме форум со околу 100 средношколци за да разговараме за менталното здравје кај младите. Што може да направиме? Го започнавме овој разговор со огромна доза на емпатија и искреност и резултатите беа зачудувачки. Тоа што најмногу ме погоди е дека секој од моите врсници имаше приказна за криза со ментално здравје во нивното училиште, без разлика дали се од мало гратче во источен Орегон или од центарот на Портленд. Ова се случува насекаде. Дури и истражувавме, и дознавме дека самоубиството е втората најчеста причина за смрт кај возрасна група од 10 до 24 години во Орегон. Втора најчеста причина. Знаевме дека мора нешто да се превземе. Во следните неколку месеци, создадовме комитет наречен „Учениците за здрав Орегон“, и ставивме крај на стигмата против менталното здравје. Сакавме да дадеме приоритет на менталното здравје во училиштата. Со помош на лобисти и неколку професионалци предложивме закон проект. Овој закон дозволува отсуство од училиште поради ментално здравје слично на отсуствата поради физичкото здравје. Бидејќи најчесто тој слободен ден е разликата помеѓу тоа да се чувствуваш подобро и многу полошо -- слично на деновите кои мојата мајка ми ги даваше како мала. Во следните неколку месеци, лобиравме, истражувавме и водевме кампања, и во јуни 2019 конечно се изгласа законот. (Ракоплескање и воскликнувања) Тоа беше исклучителен момент за учениците од Орегон. Еве пример за како тоа се одвива сега. Да речеме дека еден ученик моментално има многу тежок месец. Напнат е, исцрпен заостанува со училиште, и знае дека му е потребна помош. Можеби никогаш не зборувал со родителите за ментално здравје, но сега имаат закон кој би го иницирал тој разговор. Родителот сепак треба да се јави и да го оправда отсуството -значи ова не е слободна пропусница за децата, но најважно од сѐ, училиштето го има забележано како ден за менталното здравје, и може да имаат увид колку ученици и колку денови се земаат за ментално здравје. Доколку некој зема премногу, ќе биде упате кај училишниот советник на разговор. Ова е важно за да се откријат учениците кои имаат потешкотии пред да е предоцна. Главните работи кои ги слушнавме на форумот во 2018 е дека барањето помош најчесто е најтешкиот чекор. Се надеваме дека овој закон ќе помогне за тоа. Не само што ќе ги научи младите да се грижат за себе и да научат да се справат со стресот туку може и да спаси нечиј живот. Сега ученици и во други држави се обидуваат да го предложат овој закон. Моментално работам со ученици од Калифорнија и Колорадо за да го направат истото, зашто верувам дека учениците секаде заслужуваат да се чувствуваат подобро. Настрана практичните и технички причини, овој закон е посебен поради неговиот основен концепт: физичкото и менталното здравје се еднакви и треба така да се третираат. Всушност, поврзани се. Здравствениот систем на пример. Помислете на КПР. Ако сте во ситуација да мора да изведете КПР сакате барем нешто да научите околу тоа? Размислете - веројатно да, бидејќи КПР се нудат во повеќе школи и работни места дури и на интернет. Дури има и песни кои одат со тоа. А што за менталното здравје? Се сеќавам дека бев на обука за КПР во седмо одделение. Што ако во 7-мо одд.ме учеа како да управувам со менталното здравје или како да минам низ криза на ментално здравје? Би сакала да видам свет каде секој би имал мноштво знаења да помогне на пријател, колега, роднина или непознат кој поминува низ таква криза. Такви ресурси треба да се достапни во училиштата бидејќи таму учениците се борат најмногу. Друг концепт кој сакам да го изнесам е дека секогаш е ОК да не си ОК, и секогаш е ОК да земеш одмор. Не мора секогаш да е цел ден; понекогаш тоа не е возможно. Но, може да се неколку мигови за да се преиспиташ себеси. Замислете го животот како маратон ... како маратон на долги патеки. Ако трчаш брзо на почеток ќе се умориш. Може и ќе се повредиш од напрегање. Но, ако држиш постојано темпо, ако држиш бавно темпо, понекогаш намерно, а во друг момент забрзаш, биди сигурен дека ќе успееш. Затоа ве молам, грижете се еден за друг, грижете се за младите во вашиот живот особено тие кои навидум изгледаат како сѐ да е во ред. Предизвиците на психата нема да исчезнат но ние како општество, можеме да научиме да се справиме со нив грижејќи се еден за друг. Исто така грижи се за себе, како што би рекла мајка ми, „Од време на време, одмори се.“ Ви благодарам. (Ракоплескање)