Колку интересна група на индивидуи сте вие -- за еден психолог. (Смеа) Изминативе неколку дена имав прилика да слушнам дел од вашите разговори и да ја набљудувам вашата интеракција. Оправдано е ако кажам дека, веќе, 47 луѓе во публикава, во овој момент, демонстрираат психолошки симптоми за кои би сакал да зборувам денес. (Смеа) И си мислев можеби ќе сакате да знаете кои сте тие. (Смеа) Но, наместо да ве посочам, што би било неоправдано и нападно, си реков дај да ви кажам неколку факти и приказни, во кои можеби ќе се препознаете. Јас доаѓам од истражувачкото поле познато како психологија на личноста, кое е пак дел од науката која ја изучува личноста во која се зборува за многу нешта, од неврони па до наративи. Она што се обидуваме, е на наш начин, да се обидеме да сфатиме како секој од нас -- секој од вас -- е, во одредени аспекти, како сите луѓе, како некои луѓе и како ниту еден човек. Можеби велите за себе, "Не сум интересен. Јас сум 46тата најдосадна личност на Западната Хемисфера." Или можеби си велите, "Јас сум интересен, иако повеќето луѓе сметаат дека сум голем, ненадминлив кретен." (Смеа) Но токму вашиот "кретенизам" и тоа што се доживувате како досадни е она што мене, како психолог, ме фасцинира кај вас. Дозволете ми да ви објаснам зошто. Еден од највлијателните пристапи во науката за личноста е познат како психологија на црти. Тој ве опишува преку пет димензии кои се нормално дистрибуирани. Преку нив се претставени универзални разлики меѓу луѓето. Можеме да ги претставиме преку акронимот OCEAN. "O" означува "отвореност кон нови доживувања," наспроти оние кои се позатворени. "C" означува "совесност," наспроти оние кои имаат полабав пристап кон животот. "Е" -- "екстроверзија," наспроти луѓето кои се поинтровертни. "A" -- "пријатни индивидуи," наспроти оние кои не се пријатни. И "N" -- "невротични индивидуи," наспроти оние кои се постабилни. Сите овие димензии се поврзани со нашата благосостојба, со тоа како ни оди во животот. Знаеме дека, на пример, отвореноста и совесноста предвидуваат успех во животот, но отворените луѓе го постигнуваат тој успех бидејќи се смели и, понекогаш, чудни. Совесните луѓе постигнуваат успех придржувајќи се до роковите, бидејќи се упорни, и бидејќи имаат одредена страст. Екстроверзијата и пријатноста ви помагаат добро да работите со луѓе. Екстровертите, на пример, ми се многу интересни. На студентите понекогаш им кажувам еден основен податок кој зборува многу за нивната личност: Им велам дека е буквално невозможно да си го излижеш надворешниот дел од лактот. (Смеа) Сте го знаеле ли тоа? И веќе, некои од вас пробаа да си го излижат лактот. Но, екстровертите меѓу вас се оние кои не само што пробаа, туку и успеаја да го излижат лактот на човекот што седи до нив. (Смеа) Тие се екстровертите. Дај да ви кажам нешто повеќе за екстроверзијата, зашто е важна и интересна, и ни помага да ги разбереме она што го нарекувам нашите три природи. Прво, нашата биогена природа -- нашата неврофизиологија. Второ, нашата социогена или секундарна природа, која е поврзана со културниот и социјалниот аспект на нашите животи. И трето, она што ве прави индивидуа -- уникатни -- она што го нарекувам ваша "идиогена" природа. Дозволете да објаснам. Екстровертите ги карактеризира тоа што тие имаат потреба од стимулација. Таа стимулација може да се постигне преку барање работи кои се возбудливи: гласна бучава, забави и социјални настани како овде на TED -- гледате како екстровертите формираат магнетно јадро. Сите се собираат заедно. Ве видов. Интровертите почесто поминуваат време на тивките места на вториот спрат, каде можат да ја намалат стимулацијата -- поради што погрешно може да бидат етикетирани како антисоцијални, но тие не се антисоцијални. Едноставно сте сфатиле дека подобро функционирате откако ќе го намалите нивото на стимулација. Понекогаш е внатрешен стимулант, од вашето тело. Кафеинот, на пример, повеќе им помага на екстровертите отколку на интровертите. Кога екстровертите ќе дојдат во канцеларија во 9 часот наутро и ќе речат, "Навистина ми треба кафе," тие не се зезаат -- навистина им треба. На интровертите не им помага, особено ако задачата на која работат бара брзина и вршење на пресметки, тогаш интровертите може да изгледаат дезориентирано. Но, тоа е погрешно. Еве ги последиците кои се навистина интригантни: ние не сме секогаш она што се чини дека сме, а ова ме води до следната поента. Но, пред да дојдам до неа, треба да кажам нешто за сексуалниот однос, иако можеби нема да имам време. Па така, ако вие сакате -- да, сакате? Добро. (Смеа) Има студии кои испитуваат колку често луѓето имаат секс, во зависност од тоа дали се мажи, жени; интроверти, екстроверти. Значи ве прашувам: Колку пати во минута -- ох, извинете, тоа беше за стаорците -- (Смеа) Колку пати во месецот интровертните мажи имаат секс? 3.0. Екстровертните мажи? Повеќе или помалку? Да, повеќе. 5.5 -- речиси двојно повеќе. Интровертните жени: 3.1. Екстровертните жени? Искрено, за мене како интровертен маж, за што ќе зборувам подоцна -- тие се хероини. 7.5. Тие не само што ги средиле сите екстровертни мажи, туку потфатиле и по некој интроверт. (Смеа) (Аплауз) Екстровертите и интровертите, ние комуницираме различно. Екстровертите, кога се во интеракција, тие бараат близина во социјалните средби. Тие сакаат да стојат близу до соговорникот. Имаат голема потреба од очен контакт, да се гледаат со соговорникот во очи. Во одредени истражувања откривме дека тие почесто користат деминутиви кога ќе запознаат некого. Кога екстроверт ќе го сретне Чарлс, тој брзо станува "Чарли," па "Чак," и на крај "Чаклс Бејби." (Смеа) Додека пак за интровертите, тој останува "Чарлс," се додека интровертот не добие знак од личноста дека може да се приближи. Ние зборуваме различно. Екстровертите повеќе сакаат црно-бел, конкретен, едноставен јазик. Интровертите повеќе сакаат -- и повторно морам да ви кажам дека јас сум најголемиот интроверт кој можете да го замислите -- ние зборуваме различно. Ние повеќе сакаме контекстуални, сложени, причинско-последични реченици сакаме многу да филозофираме -- (Смеа) Повеќе или помалку. (Смеа) На некој начин. (Смеа) Да бидам целосно искрен -- ете така. Кога зборуваме, понекогаш не се разбираме. Еднаш работев на проект со еден колега кој е целосно различен од мене. Прво, неговото име е Том. Моето не е. (Смеа) Второ, тој е двометраш. Јас имам тенденција да не сум. (Смеа) И трето, тој е најекстровертната особа што можете да ја најдете. Јас сум сериозен интроверт. Многу брзо се оптеретувам. Ако се напијам кафе после три попладне потоа нема да можам да спијам ноќе. Работевме на еден проект, а таму беше вклучен еден колега по име Мајкл. Мајкл речиси го уништи проектот. Човекот кој стоеше позади него ме праша мене и Том, "Што мислите за Мајкл?" Ќе ви кажам што рече Том. Тој зборуваше како класичен екстроверт. А еве како екстровертните уши го слушнаа она што јас го реков, што е прилично точно. Реков, "Па, Мајкл понекогаш е склон да се однесува на начин што на некои од нас ни изгледа како понаметлив одошто е потребно." (Смеа) Том ги преврте очите и рече, "Брајан, тоа го реков и јас: тој е серко!" (Смеа) (Аплауз) Како интроверт, можеби нежно ќе алудирам на одредени "сераторски" особини во однесувањето на овој човек, но нема да посегнам по с-зборот. (Смеа) Но екстровертот вели, "Ако така оди, ако така зборува, тогаш така и ќе го нарекувам." Едноставно не се разбираме. Дали е ова нешто на што треба да обрнеме внимание? Се разбира. Важно е да го знаеме ова. Дали е тоа се? Дали сме само овие црти? Не, не сме. Запамтете, вие сте како некои други луѓе и како ниту еден човек. Што е со уникатното во вас? Како Елизабет или како Џорџ, можеби сте екстровертни или невротични како некои други. Но, во вашето однесување, има ли нешто што е уникатно, што го има само кај вас, што ни помага подобро да ве разбереме одошто самите црти? Што ќе не натера да ве сакаме? Не само затоа што сте одреден тип на личност. Непријатно ми е да ги ставам луѓето во фиоки. Тие не припаѓаат таму. Што е тоа што не прави различни? Она што го правиме во нашиот живот -- личните проекти. Токму сега вие имате личен проект, за кој можеби никој овде не знае. Поврзан е со вашето дете -- се враќавте три пати во болницата, а тие сеуште не знаат што е проблемот. Или можеби со вашата мајка. И тогаш сте излегле од вашиот карактер. Тоа се слободни црти. Многу сте пријатни, но се однесувате непријатно за да се пробиете преку административните бариери во болницата за да добиете нешто за вашата мајка или вашето дете. Какви се овие слободни црти? Тие настануваат кога нашето однесување е водено од нашиот главен животен проект. И токму они се најважни. Не ги прашувајте луѓето кој е нивниот тип; прашајте ги, "Кои се клучните проекти во твојот живот?" Тогаш ги демонстрираме слободните црти. Јас сум интроверт, но мојот клучен проект, е да предавам. Јас сум професор. И ги овожавам моите студенти, го обожавам моето поле. Едвај чекам да им кажам што е ново, нешто што е интересно. Тогаш се однесувам на екстровертен начин, бидејќи во 8 изутрина на студентите им треба малку хумор, нешто што ќе им го направи интересен напорниот ден. Но треба да бидеме многу внимателни доколку долго време сме надвор од нашиот карактер. Понекогаш не се грижиме доволно за самите себе. Јас на пример, после период на псевдо-екстровертно однесување, имам потреба да бидам сам за да ги наполнам батериите. Исто како што рече Сузан Кејн во нејзината книга "Quiet," во поглавјето кое зборува за чудниот канадски професор кој во тоа време предавал на Харвард, и јас понекогаш одам во машкото WC за да избегам од лудилото кое го создаваат разузданите екстроверти. (Смеа) Се сеќавам еден ден се повлеков во тоалет кабината, обидувајќи се да ја намалам стимулацијата. Прав екстроверт дојде до мене -- не во мојата кабина, туку во кабината веднаш до мене -- можев да слушнам неколку олеснувачки звуци, кои ние ги мразиме -- дури и нашите, па затоа пуштаме вода за време на нужда и откако ќе завршиме. (Смеа) И тогаш слушнав еден рапав глас кој вели, "Еј, дали е тоа Д-р Литл?" (Смеа) Ако сакате да му предизвикате запек на интроверт кој ќе трае 6 месеци тогаш зборувајте му додека се олеснува. (Смеа) Таму одам сега. Немој да ме следите. Ви благодарам. (Аплауз)