Имам пет години и сум многу горда. Татко ми само што го изгради најдобриот полски клозет во нашето селце во Украина. Внатре смрди, со дупка која зјае во земјата, но однадвор - тој е со бисерно бел ламинат и буквално блеска на сонцето. Ова ме прави толку горда, толку важна, што се назначувам себеси како предводник на мојата малечка група пријатели и смислувам мисии за нас. Така, скитаме од куќа до куќа, барајќи муви заробени во пајакови мрежи и ги ослободуваме. Четири години претходно, кога имав една година, по несреќата во Чернобил, паѓаше црн дожд, а косата на мојата сестра отпадна во грутки, додека јас поминав девет месеци во болница. Не беа дозволени посетители, па мајка ми поткупи еден од болничарите. Доби болничка униформа, и се прикрадуваше секоја вечер за да седи покрај мене. Пет години подоцна - се појави зрнце надеж. Благодарение на Чернобил, добивме азил во САД. Имав шест години, и не плачев кога го напуштавме домот и се преселувавме во Америка, затоа што очекував дека тоа ќе биде место исполнето со ретки и прекрасни работи, како банани и чоколадо и гумите за џвакање Bazooka, оние со малечки сликички обвиткани однатре. Bazooka кои ги добивавме еднаш годишно во Украина и моравме да џвакаме едно парче цела недела. Така, првиот ден кога пристигнавме во Њујорк, јас и баба ми најдовме пени на подот на прибежиштето за бездомници. Само што - не знаевме дека тоа е прибежиште за бездомници. Мислевме дека е хотел - хотел со многу стаорци. Така, го најдовме тоа пени, залепено за подот и мислевме дека некој многу богат човек мора да го оставил тука, затоа што обичните луѓе не ги губат своите пари туку-така. И така, го држев тоа пени во дланката, а тоа целото лепливо и за'рѓано, но ми се чинеше како да држам цело богатство. Одлучив да си купам гума за џвакање Bazooka. И во тој момент, се чувствував како милионерка. Година дена подоцна, повторно истото чувство, кога најдовме торба полна со плишани животни во ѓубрето, и наеднаш имав повеќе играчки отколку што некогаш сум имала во својот живот. И повторно, тоа чувство ми се јави кога некој затропа на вратата на нашиот стан во Бруклин, и кога јас и мојата сестра здогледавме доставувач со пица која ние не сме ја нарачале. Ја зедовме пицата - нашата прва пица во животот, и ненаситно јадевме парче по парче, а доставувачот стоеше на прагот и зјапаше во нас. Ни рече да платиме, но ние не зборувавме англиски. Излезе мајка ми, и тој ѝ побара пари, но таа немаше доволно. Таа пешачеше 50 блокови до и од работа секој ден, само за да го одбегне плаќањето на автобуски билет. Потоа, нашата сосетка ѕирна од вратата и целосно збесна кога сфати дека имигрантите од долниот кат некако ѝ ја зеле пицата. Сите беа вознемирени. Но, пицата беше превкусна. Не сфатив колку малку имаме сè додека не поминаа години. На нашата 10 годишнина од пристигнувањето во САД, одлучивме да прославиме во собата во хотелот во којшто за првпат отседнавме кога дојдовме во САД. Човекот на рецепција ни се насмеа, и ни рече: „Не можете да резервирате соба тука. Ова е прибежиште за бездомници.“ Бевме шокирани. И мојот сопруг Брајан бил бездомник како дете. Неговото семејство изгубило сè, и на 11 години, морал да живее по мотели со неговиот татко, мотели кои ја земале сета нивна храна и ја задржувале, сè додека не ја исплателе сметката. Еднаш, кога конечно ја добил назад својата кутија со овесни снегулки Frosted Flakes, целата била полна со лебарки. Но, тој поседувал нешто. Тој поседувал кутија за чевли која секаде ја носел со себе, а која содржела девет стрипови, два G.I.Joes насликани да потсетуваат на Спајдермен, и пет Gobots. Тоа било неговото богатство. Тоа било неговото друштво на херои кои го чувале настрана од дроги и банди, и не му дозволиле да се откаже од соништата. Ќе ви раскажам за уште еден поранешен бездомник - член на нашето семејство. Ова е Скарлет. На времето, Скарлет била користена како мамка за борби со кучиња. Била врзувана и фрлана во ринг за другите кучиња да ја нападнат и така да станат поагресивни пред борбата. Денеска, таа јаде органска храна, и спие на ортопетски кревет со нејзиното име на него, но, кога ќе ставиме вода во нејзината чинија, таа сè уште погледнува нагоре и мафта со нејзината опашка во знак на благодарност. Понекогаш, Брајан и јас шетаме низ паркот со Скарлет, и таа се тркала низ тревата, а ние само погледнуваме во неа, а потоа и еден во друг и чувствуваме благодарност. Забораваме на сите наши фрустрации и разочарувања, и се чувствуваме како милионери. Ви благодарам. (Аплауз)