Ова е Сиан Кан. Јужно од Тулум на карипскиот брег на Мексико, тоа е резерват заштитен од државата, светско наследство на УНЕСКО и еден од најбиоразновидните региони на планетата. Но кога прв пат го посетив во 2010 г., бев згрозен и целосно зачуден зошто плажата е претрупана со ѓубре. Брзо сфатив дека допловува од целиот свет. По првото патување, се враќав неколкупати годишно во Сиан Кан во државата каде сум роден, за да работам со ова ѓубре. И досега, имаме документирано отпад од 58 различни држави и територии на 6 континенти, што испливал на брегот на овој рај во Мексико. Иако никогаш не можам да знам каде бил фрлен производот, некогаш можам да откријам според ознаката. Со црвено се означени државите застапени од своето ѓубре во Сиан Кан. Како овие садови за путер од Хаити во сите форми и големини, шишиња за вода од Јамајка. Не е зачудувачки што голем дел е од соседните карипски држави, но има работи од секаде. Еве пример од меѓународни шишиња за вода. И иронично е што многу од најдените производи се наменети за чистење и разубавување, како производов од САД, што всушност е направен да ја штити пластиката, (Смеа) шампон од Јужна Кореа, варикина од Коста Рика и средство за чистење тоалет од Норвешка. Ова се многу секојдневни производи за нас, или се надевам дека ви се познати четкиве за заби. (Смеа) Кујнски прибор. Играчки. Исто така наоѓам докази од изгорено пластично ѓубре, што во воздухот ослободува гасови кои предизвикуваат рак. Луѓето ме прашуваат за најинтересниот предмет што сум го нашол, и тоа убедливо е оваа протетичка нога. И во позадината, ако можете да ја видите малата сина тапа, во моментот кога ја најдов, беше дом на овој мал рак пустиник. Овој дечко е многу сладок. (Смеа) (Смеа) И овие фасцинантни, но истовремено згрозувачки предмети, секој со своја приказна, ги користам за краткотрајни, еколошки уметнички дела. И се почна со оваа слика во февруари 2010, кога прв пат го посетив Сиан Кан. Забележав дека сината е најдоминантна боја во пластиките. Виолетовата е всушност најретка. Таа е како злато за мене. Но сината е најдоминантна, па собрав некои од сините и го направив овој мал аранжман пред синото небо и сините карипски води. И кога фотографирав и погледнав во пробната слика, беше како да ме удри молња во тој момент, и знаев дека ќе мора да се вратам да создадам низа поставки на лице место и да ги фотографирам. Па ова се претвори во скица за дело кое го завршив 3 години подоцна. Немав идеја дека 10 години подоцна, речиси деценија подоцна, сѐ уште ќе работам на него. Но проблемот опстојува. Па, ќе ви покажам некои од фотографиите од серијата наречена „Исфрлено на брегот: трансформирање загаден пејзаж". Ве молам запомнете дека не го бојам отпадот. Го собирам и организирам по боја на истите плажи каде го наоѓам. Ова е мојот скапоцен куп од отпад од 2015 г. по поставување на првото издание на "Museo de la Basura," или „Музеј на отпад". Моја намера е во целост е да се грижам за овој отпад, да го возвишам, да го ставам на пиедестал и да го поставам. Сите сме виделе ужасни слики од мртви животни со пластика во стомаците. И многу е важно вистински да ги видиме и да ги сфатиме. Но со правење естетски - некој би рекол прекрасни - аранжмани од ѓубрето на светот, сакам да го заведам гледачот да ги привлечам оние отрпнатите од грозотијата на светот и да им пружам друг начин да сфатат што се случува. Некои го опишуваат Големиот пацифички отпад како остров двојно поголем од Тексас, но ми велат дека е тешко да се види бидејќи повеќе е како смог. Па преку мојата уметност, се обидувам да прикажам што навистина ѝ се случува на околината и невидливото да го направам видливо. Моето клучно прашање, по отпочнувањето на проектот, беше „Што ќе правам со ѓубрето откако ќе завршам?" Некои ми кажаа дека може да биде оштетена стока откако патувало низ океанот и било изложено на елементите, дека може да се разгради и да уништи рециклиран материјал. Ниту депонијата не беше добро решение. И тогаш конечно, ми светна после сиот мој напор и на сите луѓе кои ми помогнале да го соберам, организирам и исчистам ова ѓубре, дека треба да го чувам. Па тоа е планот, да го користам бесконечен број пати да создавам уште уметнички дела и да поттикнам заедници да се занимаваат со еколошка уметност. Ова е пример на дело од заедницата, што го изработивме лани со младината од Пунта Ален во Сиан Кан. Клучен дел од работата на заедницата се чистењата на плажите и правење програма за образование. И како што заедницата се зголемува како што се зголемува колекцијата отпад, навистина верувам дека ќе се зголеми и влијанието. Како одминуваа годините, станав малку опседнат со мојата колекција отпад. Ја пакувам во куфери и патувам со неа. Ја носам на одмор со мене. (Смеа) И во последното дело, почнав да излегувам од 2Д рамнината на сликата. Многу сум возбуден за новите дела. Ги гледам како живи уметнички дела кои ќе се видоизменуваат и растат со текот на времето. Иако моја најголема желба е да снемам суровини за оваа работа, не сме стигнати дотаму. Па во следната фаза на проектот, планирам да продолжам со работа во заедницата и да правам уште поголеми свои дела, бидејќи проблемот е огромен. 8 милиони тони пластика влегува во океаните секоја година, и ги уништува екосистемите. Сега, додека зборувам, буквално се случува излевање на пластика. Го гледам овој проект како молба за помош и повик за делување. Нашето здравје и иднина се нераскинливо врзани со иднината на океаните. Го нарекувам проектот „Исфрлено на брегот: трансформирање загаден пејзаж," но проектот ме трансформира и мене и ме поттикна да си ги преиспитам постапките и потрошувачката. И ако може да му помогне некому да стане посвесен, тогаш трудот ќе вреди. Многу ви благодарам. (Аплауз)