Ќе започнам со ова: пред две години, ме викна еден организатор на настани поради тоа што требаше да држам говор. Ме повика, и рече, "Имам проблем, навистина не знам како да те опишам на флаерот." И јас реков, "Па добро, што е проблемот?" Таа рече, "Те видов како зборуваше, и би те именувала како истражувач, мислам, меѓутоа страв ми е дека ако те викам истражувач никој нема да дојде, бидејќи ќе мислат дека си досадна и ирелевантна." (Смеа) Во ред. И таа рече, "Но, она што ми се допадна во твојот говор е тоа што ти си раскажувач на приказни. Затоа мислам дека ќе те викам едноставно раскажувач на приказни." И се разбира академскиот, несигурен дел од мене се огласи, "Како ќе ме викаш? И таа рече, "Ќе те викам раскажувач на приказни." Јас реков, "А зошто не магична вила?" (Смеа) Реков, "Дај ми да размислам малку за ова." Пробав да се повикам на мојата храброст. Си помислив, Јас сум раскажувач на приказни. Јас сум квалитативен истражувач. Собирам приказни; тое е она што правам. И можеби приказните се само податоци со душа. И можеби јас сум само раскажувач на приказни. И така реков, "Знаеш што? Зошто не кажеш само дека сум истражувач-раскажувач на приказни." Таа настојуваше, "Хаха. Не постои такво нешто." (Смеа) Значи јас сум истражувач-раскажувач, и денес ќе ви зборувам -- ќе зборуваме за ширење на перцепцијата -- и сакам да ви зборувам и да кажам неколку приказни за дел од моето истражување кое што фундаментално ја прошири мојата перцепција и вистински всушност го промени начинот на кој што живеам и сакам и работам и одгледувам. И еве како почнува мојата приказна. Кога бев млад истражувач, докторант, во прва година имав професор по истражување кој нѝ кажа, "Вака стојат работите, доколку не можете нешто да измерите, тогаш тоа не постои." Јас мислев дека се зафркава. Реков, "Навистина?", а тој, "Апсолутно." Треба да знаете дека имам диплома во социјална работа, магистратура во социјална работа, и мојот докторат го правев на теми од социјална работа, значи целата моја академска кариера беше опкружена со луѓе кои некако веруваа дека животот е хаотичен, сакај го. Јас сум повеќе за, животот е хаотичен, прочисти го, организирај го, и стави го во кутија. (Смеа) За да мислам дека го најдов мојот пат, дека најдов кариера која ќе ме води -- навистина, во социјалната работа важи дека треба да се навикнеме на нелагодноста на работата. Јас сум за, сруши ја нелагодноста надмини ја и извади го најдоброто. Тоа беше мојата мантра. Така бев многу возбудена за ова. Така си помислив, знаеш што, ова е кариера за мене, бидејќи јас сум заинтересирана за некои хаотични теми. Но сакам да можам да ги направам нехаотични. Сакам да ги разберам. Сакам да ги хакнам овие работи за кој што знам дека се важни и да го изложам кодот за да може секој да го види. Така започнав со поврзаноста. Бидејќи, кога работиш како социјален работник 10 години, она што сфаќаш е дека поврзаноста е она поради што сме овде. Тоа е она што им дава цел и значење на нашите животи. Околу тоа сè се врти. Не е важно дали зборувате со луѓе кои работат во социјална правда, ментално здравство, злоупотреба и занемареност, она што знаеме е дека поврзаноста, способноста да се чувствуваш поврзан, е -- невробиолошка, така сме создадени -- тоа е причината поради која сме овде. И така си помислив, знаеш што, ќе почнам со поврзаноста. Ја знаете онаа ситуација кога добивате оценка од вашиот шеф, и таа ви кажува 37 работи кои ги правите одлично, и една работа -- прилика за раст? (Смеа) И постојано мислите на таа прилика за раст, така. Па очигледно на овој начин се одвиваше и мојата работа, бидејќи, кога ќе ги прашате луѓето за љубов, тие ви кажуваат за скршено срце. Кога ќе ги прашате луѓето за припадност, тие ќе ви ги кажат нивните најтешки искуства кога биле отфрлени. И кога ќе ги прашате луѓето за поврзаност, приказните кои ми ги кажуваа се однесуваа на неповрзаност. Многу брзо -- после шест недели поминати на ова истражување -- налетав на ова неименувано нешто кое што апсолутно ја осветли поврзаноста на начин кој што не го разбирав или никогаш го немав видено. Потоа се повлеков од истражувањето и си реков, морам да откријам што е тоа. И излезе дека тоа бил срамот. Срамот можеме лесно да го разбереме како страв од неповрзаност. Има ли нешто во врска со мене за кое што, доколку другите дознаат или слушнат, ќе ме направи недостоен за да бидам поврзан. Она што можам да ви кажам за срамот: универзален è ; сите го имаме. Единствените луѓе кои не доживуваат срам немаат капацитет за човечка емпатија или поврзаност. Никој не сака да зборува за тоа, и колку помалку зборуваш за тоа толку повеќе го имаш. Што лежи позади овој срам, ова "Јас не сум доволно добар", -- чувство кое што сите го знаеме: "Не сум доволно бел/а. Не сум доволно слаб/а, доволно богат/а, доволно убав/а, доволно паметен/на, доволно унапреден/а." Она што лежи позади срамот е измачувачката ранливост, идејата дека, за да се случи поврзаност, мораме да дозволиме да бидеме видени, навистина видени. Знаете што чувствувам за ранливоста. Ја мразам ранливоста. Така си реков, ова ми е прилика да ја победам со мојот мерен инструмент. Сега почнувам, сега ќе го разберам ова нешто, ќе потрошам година, целосно ќе го разглобам срамот, ќе разберам како функционира ранливоста, и ќе ја надитрам. Така бев подготвена, и бев навистина возбудена. Како што знаете, нема да заврши добро. (Смеа) Го знаете ова. Можам да ви кажам многу за срамот, но ќе морам да им го земам времето на сите други. Но она што можам да ви го кажам е дека сè се сведува на -- и можеби ова е една од најважните работи кои што ги научив во декадата додека го работев ова истражување. Едната година се пролонгираше во шест, илјадници приказни, стотици долги интервјуа, фокус групи. Во еден период луѓе ми праќаа страници од весници и ми ги праќаа нивните приказни -- илјадници податоци во тек од шест години. Некако се справив. Некако разбрав, ова е она што претставува срам, вака функционира. Напишав книга, објавив теорија, но нешто не беше во ред -- а тоа беше дека, кога ќе ги земев во предвид луѓето што ги интервјуирав и ќе ги поделев на луѓе коишто навистина имаат чувство на вредност -- на тоа се сведува сето ова, чувството на вредност -- тие имаат силно чувство на љубов и припадност -- и луѓе кои што се борат за ова, и луѓе кои што секогаш се прашуваат дали се доволно добри. Имаше само една променлива која што ги одвојуваше луѓето што имаат силно чувство на љубов и припадност од луѓето кои што се борат за овие квалитети. А тоа беше, луѓето кои што имаат силно чувство на љубов и припадност веруваат дека се вредни за љубов и припадност. Тоа е тоа. Тие веруваат дека вредат. И за мене, тешкиот дел од она нешто кое што нè спречува да бидеме поврзани е нашиот страв дека не сме вредни за врска, беше нешто што, лично и професионално, чувствував дека треба да го разберам подобро. Она што направив е ги зедов сите интервјуа каде што видов вредност, каде што видов луѓе што живеат на тој начин, и само ги набљудував. Што имаат заедничко овие луѓе? Имам мала зависност од канцелариски материјал, но тоа е друга приказна. Држев картонска папка и маркер, и се прашував, како да го наречам ова истражување? Првиот збор кој што ми падна на памет беше срдечен. Ова се срдечни луѓе, кои што живеат од ова длабоко чувство на вредност. Така напишав на врвот од картонската папка, и почнав да ги гледам податоците. Всушност, прво направив во тек од 4 дена многу интензивна анализа на податоци, се навраќав, ги вадев интервјуата, приказните, ги вадев инцидентите. Која е темата? Кој е образецот? Маж ми го напушти градот со децата бидејќи секогаш многу длабоко се внесувам, тогаш само пишувам и се наоѓам во истражувачки мод. И ова е она што открив. Она што имаа заедничко беше чувство на храброст. Овде сакам само да направам разлика помеѓу храброст и херојство. Храброст, оригиналната дефиниција за храброст кога за прв пат се појавил во Англискиот јазик -- доаѓа од Латинскиот збор cor, што значи срце -- а оригиналната дефиниција значи да ја раскажеш приказната за себе со цело срце. Така овие луѓе имаат, многу едноставно, храброст да бидат несовршени. Тие го имаат сочувството да бидат прво љубезни кон себе, а потоа и кон другите, бидејќи, како што се покажа, не можеме да имаме сочувство кон другите доколку не се однесуваме љубезно кон себеси. И последното беше дека тие имаат поврзаност, и -- ова беше тешкиот дел -- како резултат на автентичноста, тие беа спремни да се откажат од она што мислеа дека треба да бидат за да бидат она што сè, а кое што дефинитивно мора да го направите за да бидете поврзани. Другото нешто што им беше заедничко беше ова. Тие целосно ја прифаќаа ранливоста. Тие веруваа дека она што ги прави ранливи ги прави и убави. Тие не зборуваа за ранливоста дека е удобна, ниту пак зборуваа дека е измачувачка -- како што слушнав претходно во интервјуто за срамот. Тие зборуваа само дека е неопходна. Тие зборуваа за спремноста први да кажат "Те сакам", спремноста да направат нешто каде што не постојат гаранции, спремноста да дишат додека го чекаат повикот од доктор после мамограмот. Тие се спремни да вложат во врска која што може, а и не мора да успее. Тие сметаа дека ова е суштинско. Јас лично сметав дека е предавство. Не можев да верувам дека се заколнав на верност кон истражувањето -- дефиницијата за истражувањето е контрола и предвидување, проучување на феномените, поради експлицитна причина а тоа е контрола и предвидување. И сега мојата мисија да контролирам и предвидувам ми го даде одговорот дека треба да живееме со ранливост и да прекинеме со контролирање и предвидување. Ова доведе до малa емоционална криза -- (Смеа) -- која што всушност повеќе изгледаше вака. (Смеа) Навистина. Јас ја нарекував криза, мојот терапевт ја нарекуваше духовно будење. Духовно будење звучи подобро отколку емоционална криза, но ве уверувам дека беше криза. Така морав да ги ставам настрана податоците и да најдам терапевт. Да ви кажам нешто: знаете кој сте кога ќе им се јавите на пријателите и ќе речете, "Мислам дека треба да се видам со некого. Имате ли некоја препорака?" Бидејќи пет од моите пријатели изреагираа на ист начин, "Штоооо. Не сакам да ти бидам терапевт." (Смеа) Јас реков, "Што треба да значи тоа?" Тие рекоа, "Само ти кажувам, знаеш. Не доаѓај со твојот инструмент за мерење." Јас реков, "Во ред". Така си најдов терапевт. Мојата прва средба со нејзе, Дајана -- ја донесов мојата листа за тоа како живеат срдечните, и седнав. Таа рече, "Како си?" Јас реков, "Одлично. Добро сум." Таа рече, "Што се случува?" Јас сум терапевт кој оди на терапевт, бидејќи мораме да одиме кај нив, бидејќи нивните мерачи за срам се добри. (Смеа) Така реков, "Вака, Јас се измачувам." Таа рече, "Што е маката?" Јас реков, "Паа, имам проблем со ранливоста. И знам дека ранливоста е јадрото на срамот и стравот и нашата борба за вредноста, но се чини дека исто така е родното место на радоста, на креативноста на припадноста, на љубовта. Мислам дека имам проблем, и ми треба малку помош." И реков, "Но само една работа, без спомнување на семејство, без срања од детството." (Смеа) Ми требаат само некои стратегии." (Смеа) (Аплауз) Ви благодарам. Тогаш таа направи вака. (Смеа) Тогаш реков, "Лошо е, нели? Таа рече, "Ниту добро, ниту лошо." (Смеа) "Така è како што è." Јас реков, "Боже мој, ова ќе биде за никаде." (Смеа) Беше, и не беше. Траеше околу една година. И знаете дека има луѓе кои, кога ќе сфатат дека ранливоста и нежноста се важни, тие се предаваат и стануваат такви. А: тоа не сум јас, и Б: јас дури не се дружам со такви луѓе. (Смеа) За мене тоа беше едногодишна улична борба. Борба со голи раце. Ранливоста ме туркаше, јас возвраќав. Ја изгубив битката, но веројатно си го вратив животот. Потоа се вратив на истражувањето и ги поминав следните две години навистина обидувајќи се да разберам, тие срдечните, какви избори прават, и што правиме ние со ранливоста. Зошто се мачиме толку многу со нејзе? Дали сум сама во борбата со ранливоста? Не. Ова е она што научив. Ние се отрпнуваме од ранливоста -- додека го чекаме повикот. Интересно беше, објавив нешто на Твитер и на Фејсбук кое што гласеше, "Како би ја дефинирале ранливоста? Што ве прави да се чувствувате ранливи?" Во рок од еден и пол час, имав 150 одговори. Бидејќи сакав да знам каква е ситуацијата меѓу луѓето. Да побарам помош од маж ми, бидејќи сум болна, а штотоку се венчавме; иницирање на секс со маж ми; иницирање на секс со жена ми; да бидам одбиена; да викнам некого за излeгување; чекање на повик од докторот; да бидете отпуштен; отпуштање на луѓе -- ова е светот во кој живееме. Живееме во ранлив свет. И еден од начините на кои се справуваме е преку отрпнување од ранливоста. Мислам дека има доказ -- и не е единствена причина што тој доказ постои, туку мислам дека е огромна причина - ние сме најзадолжена, најдебела, најзависна и најлекувана возрасна кохорта во историјата на САД. Проблемот е -- ова го научив од истражувањата -- дека не можете селективно да отрпнете од емоциите. Не можете да кажете, ова се лошите работи. Еве ја ранливоста, еве ја тагата, еве го срамот, еве го стравот, еве го разочарувањето, не сакам да ги чувствувам овие. Ќе се напијам неколку пива и ќе изедам колачиња со банана и лешник. (Смеа) Не сакам да ги чувствувам нив. Ова смеење значи дека се препознавте. Работа ми е да ви хакнувам во вашите животи. Боже. (Смеа) Не можете да отрпнете од овие тешки чувства без да отрпнете од афектите, нашите емоции. Не можете селективно да отрпнувате. Кога ќе отрпнеме од тие чувства, отрпнуваме од радоста, од благодарноста, отрпнуваме од среќата. Тогаш стануваме мизерни, и бараме цел и значење, и тогаш се чувствуваме ранливи, и тогаш пиеме пиво и јадеме колачиња со банана и лешник. И настанува овој опасен круг. Една од работите за која мислам дека треба да размислиме е зошто и како отрпнуваме. И не мора да биде само зависност. Друго што правиме е претвораме сè што е несигурно во сигурно. Религијата премина од верување во вера и мистерија, во верување во сигурност. Јас сум во право, вие не сте. Замолчете. Тоа е тоа. Само сигурно. Колку повеќе сме исплашени, толку повеќе сме ранливи, толку повеќе сме исплашени. Вака изгледа денешната политика. Не постои дискурс повеќе. Не постои разговор. Постојат само обвинувања. Знаете како е опишано обвинувањето во истражувањето? Начин да се ослободиме од болката и нелагодноста. Ние се усовршуваме. Ако има некој кој сака неговиот живот да изгледа вака, тоа сум јас, но не функционира. Бидејќи она што правиме е земаме сало од нашите задници и го ставаме на нашите образи. (Смеа) За што се надевам дека за сто години, луѓето ќе погледнат назад и ќе речат, "Уау." (Смеа) Ги усовршуваме,што е најопасно, нашите деца. Дозволете ми да ви кажам што мислиме за децата. Тие се предиспонирани за борба кога ќе дојдат овде. Кога ги држите тие перфектни мали бебиња во вашите раце, не смеете да кажете, "Погледни ја, таа е совршена. Обврска ми е да ја одржувам совршена -- да обезбедам да влезе во тенискиот тим до петто одделение и во Јеил до седмо." Не смееме да го кажеме ова. Треба да погледнеме и да речеме, "Знаеш што? Ти си несовршено, и си предиспонирано за борба, но вредиш да добиеш љубов и припадност." Тоа е нашата обврска. Покажете ми генерација на деца одгледани така, и ќе ви ставам крај на проблемите кои што ги гледаме денес. Се преправаме дека она што правиме нема влијание врз луѓето. Тоа го правиме во нашите лични животи. Го правиме тоа корпорациски -- било да е план за спасување, излив на нафта, повлекување -- се преправаме дека она што правиме нема голем удар врз другите луѓе. Би сакала да им кажам на компаниите, ова не ни е прв пат луѓе. Ни треба само да бидете автентични и вистински и да речете, "Жал ни è. Ќе се поправиме." Но постои друг начин, и ќе ве оставам со ова. Ова е она што открив: да дозволиме да бидеме видени, длабоко видени, видени ранливи; да сакаме со цели срца, и покрај тоа што не постојат гаранции -- и тоа е навистина тешко, и можам да ви кажам како родител, тоа е измачувачки тешко -- да практикувате благодарност и радост во тие момент на страв, кога се прашуваме, "Можам ли да те сакам волку многу? Можам ли да верувам во ова страстно? Можам ли да бидам храбар во врска со ова?" да можам само да застанам и, наместо да катастрофизирам за иднината, само да речам, "Толку многу сум благодарен, бидејќи тоа што ја чувствувам ранливоста значи дека сум жив." И последното, кое што мислам дека е најважно, е да веруваме дека сме доволни. Бидејќи кога работиме од позиција која вели, "Јас сум си доволен," тогаш прекинуваме да врескаме и почнуваме да слушаме, стануваме попријатни кон луѓето околу нас, и попријатни кон самите себе. Тоа е сè што имам. Ви благодарам. (Аплауз)